четврток, јуни 11, 2026
Дома СВЕТ „Ројтерс“ ексклузивно објави содржина на интерна е-пошта на Пентагон: Трамп сака да...

„Ројтерс“ ексклузивно објави содржина на интерна е-пошта на Пентагон: Трамп сака да ја исклучи Шпанија од НАТО и да ги тргне „тешките земји“ од важните позиции

59
EPA/Robin van Lonkhuijsen

Исклучувањето на Шпанија од НАТО е невозможно, зашто САД не можат еднострано да исклучат членка, но во е-поштата се тврди дека опцијата за суспендирање на Шпанија би имала ограничен ефект врз американските воени операции, но би имало значително симболично влијание. Во е-поштата за која зборува американски функционер се наведува и тоа дека САД ќе го преиспитаат ставот во врска со барањето на Велика Британија за Фолкландските Острови

 

Интерна електронска пошта на Пентагон ги наведува опциите на САД за казнување на сојузниците од НАТО за кои веруваат дека не ги поддржале американските операции во војната со Иран, ексклузивно открива „Ројтерс“. Според изјава на американски функционер за агенцијата, планот вклучува и суспендирање на Шпанија од Алијансата, како и преиспитување на ставот на САД во врска со барањето на Велика Британија за Фолкландските Острови.

– Опциите за политиката се детално опишани во белешка во која се изразува фрустрација поради забележаната неподготвеност или одбивање на некои сојузници да им дадат на САД права за пристап, базирања и прелети, познати како АБО, за војната во Иран – рекол функционерот, кој поставил услов за анонимност за да го опише и-мејлот.

Тој појаснил дека циркулираат опциите на високи нивоа во Пентагон. Според него, една опција наведена во е-поштата е суспендирање на „тешки“ земји од важни или престижни позиции во НАТО. На прашањето дали е можно да се суспендира сојузник на НАТО, функционерот вели: „Основачкиот договор на НАТО не предвидува никаква одредба за суспендирање на членството во НАТО“. Исклучувањето на Шпанија од НАТО е невозможно, зашто САД не можат еднострано да исклучат членка, но во е-поштата се тврди дека опцијата за суспендирање на Шпанија би имала ограничен ефект врз американските воени операции, но би имало значително симболично влијание. Сепак, овој потег го покажува значителниот притисок што американско-израелската војна против Иран го врши врз целиот НАТО-сојуз.

Трамп остро ги критикуваше сојузниците од НАТО, затоа што не ги испратија своите морнарици да помогнат во отворањето на Хормускиот Проток, кој беше затворен за глобален превоз по почетокот на воздушниот напад на 28 февруари. Неговиот револт го зголеми фрустрацијата поради недостигот на поддршка за американските операции, особено во однос на правата за прелет и пристап до воздухопловните бази, што Пентагон ги смета за „апсолутен минимум“ во рамките на НАТО. Трамп, исто така, изјави во една пригода дека размислува за повлекување на САД од Алијансата.

– Не би го направиле ли тоа ако бевте на мое место? – рече Трамп во интервју за „Ројтерс“ на почетокот од месецов, како одговор на прашањето дали повлекувањето на САД од НАТО е можност.

Но, е-поштата не сугерира дека САД треба да го сторат тоа, посочува соговорникот на агенцијата и додава дека, исто така, не предлага затворање бази во Европа.

– Како што рече претседателот Трамп, и покрај сè што направија САД за нашите сојузници во НАТО, тие не беа тука за нас. Военото министерство ќе се погрижи претседателот да има веродостојни опции за да се осигури дека нашите сојузници повеќе не се тигар од хартија и наместо тоа, ќе го направат својот дел. Немаме други коментари за какви било внатрешни размислувања во таа смисла – вели прес-секретарот на Пентагон, Кингсли Вилсон, прашан за е-поштата.

Американско-израелската војна со Иран постави сериозни прашања за иднината на блокот, кој постои 76 години, и предизвика невидена загриженост дека САД, можеби, нема да им помогнат на европските сојузници доколку бидат нападнати, велат аналитичари и дипломати. Велика Британија, Франција и други членки велат дека приклучувањето кон поморската блокада на САД би значело влегување во војната, но дека би биле подготвени да помогнат за да се одржи отворен протокот откако ќе има траен прекин на огнот или кога ќе заврши конфликтот. На ваквиот став, претставниците на администрацијата на Трамп нагласија дека НАТО не може да биде еднонасочна улица. Тие изразија фрустрација од Шпанија, која, освен што одби да ги стави на располагање своите воени бази, исто така, ја иритираше американската администрација со одбивањето да ги зголеми трошоците за одбрана на 5 % од БДП, цврсто убедена дека може да ги исполни своите обврски со помалку пари. САД имаат две важни воени бази во Шпанија: поморската станица Рота и воздухопловната база Морон.

– Политичките опции наведени во е-поштата би имале цел да испратат силен сигнал до сојузниците на НАТО „за да се намали чувството на повластеност од страна на Европејците – вели функционерот, сумирајќи ја нејзината содржина.

ИЗДВОЕНИ