четврток, јуни 11, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ПРИВЕДЕНИ 14 ЛИЦА, МЕЃУ НИВ И ДОКТОРИ – РАЗОТКРИЕНА КРИМИНАЛНА МРЕЖА...

ПРИВЕДЕНИ 14 ЛИЦА, МЕЃУ НИВ И ДОКТОРИ – РАЗОТКРИЕНА КРИМИНАЛНА МРЕЖА СО ФАЛСИФИКУВАНИ ЛЕКОВИ

1250

По повеќемесечна истрага, под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, полицијата разби организирана криминална група која стои зад нелегален увоз, дистрибуција и апликација на медицински препарати, меѓу кои и ботокс.

Во координирана акција спроведена од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, извршени се претреси на повеќе локации во Скопје, Струмица и Битола, врз основа на судски наредби. Приведени се 14 лица, меѓу кои лекари од јавното здравство, сопственици на приватни дерматолошки ординации, како и лица кои биле вклучени во транспортот и дистрибуцијата на нелегално внесени лекови и медицински помагала.

Обвинителството отвори истрага против вкупно 19 физички и шест правни лица, поради сомнежи за злосторничко здружување, повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма, како и за примање поткуп.

Според истрагата, во текот на 2026 година, седуммина осомничени формирале две одделни криминални групи, кои подоцна се прошириле. Тие користеле фирми од Скопје и Битола како параван, преку кои организирано набавувале фалсификувани медицински препарати од Србија, Кореја и Турција. Препаратите потоа нелегално се внесувале во земјава, се складирале и се пласирале на пазарот, а дел од нив биле и директно аплицирани врз пациенти.

Обвинителството наведува дека дел од осомничените биле свесни дека станува збор за производи без одобрение од Агенцијата за лекови МАЛМЕД, без декларации и упатства за употреба, но сепак ги користеле при естетски интервенции, со што сериозно го загрозиле здравјето на граѓаните.

Во истрагата е опфатен и царински службеник, кој, според сомневањата, примил поткуп за да овозможи нелегален влез на стока без царинска контрола.

Дополнително, меѓу осомничените има и блиски роднини на дел од инволвираните, кои учествувале во складирање и чување на нелегалните препарати, иако биле запознаени со нивното потекло.

Поради тежината на делата и опасноста од бегство или влијание врз истрагата, обвинителството предложи мерка притвор за 12 осомничени, додека за останатите се бараат полесни мерки за обезбедување на нивното присуство.

ИЗДВОЕНИ