четврток, јуни 11, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ДИЛЕМА ЗА ВОВЕДУВАЊЕТО УСЛОВ СО ЕДНО ДРЖАВЈАНСТВО: Ќе им се верува ли...

ДИЛЕМА ЗА ВОВЕДУВАЊЕТО УСЛОВ СО ЕДНО ДРЖАВЈАНСТВО: Ќе им се верува ли на „чесен збор“ на пратениците дека немаат два пасоши?

Според сознанијата, нашата држава нема разработени механизми преку кои би можела да врши поголеми проверки на тоа дали лицата што се кандидирани или избрани за патеници и евентуално за други избрани или именувани владини функционери, поседуваат само едно или две државјанства. Правните експерти што ги консултираше ВЕЧЕР наведуваат дека од нашите институции, само МВР досега има искуство околу утврдувањето на поседување и на странски државјанства за одредени лица од Македонија, но врзано за криминални активности

796

Воведувањето на условот едно државјанство – македонско за избор за пратеник во Собранието ќе го повлече и прашањето како ќе се проверува вистинитоста на тоа дали некое лице има повеќе државјанства. Односно на кој начин Државната изборна комисија, Собранието, Владата или некој друг државен орган ќе може навистина да бидат сигурни дека одредено лице има само македонско државјанство. Според сознанијата, нашата држава нема разработени механизми преку кои би можела да врши поголеми проверки на тоа дали лицата што се кандидирани или избрани за патеници и евентуално за други избрани или именувани владини функционери, поседуваат само едно или две државјанства. Правните експерти што ги консултираше ВЕЧЕР наведуваат дека од нашите институции, само МВР досега има искуство околу утврдувањето на поседување и на странски државјанства за одредени лица од Македонија, но врзано за криминални активности.

– Таквите барања се упатуваат до други држави кога МВР врши соодветни истраги врзани за одредени криминални активности на некои осомничени личности. Истрагата тогаш опфаќа и утврдување на фактот дали тоа лице поседува и друго државјанство, односно на таа конкретна земја каде што се упатува таквото барање за да ни соопшти таков податок. Барањето мора да биде аргументирано со оглед на тоа дека поседувањето државјанство е приватно право на секој граѓанин и не може да се споделува јавно. Дилема е дали другите држави толку лесно ќе ги прифатат нашите евентуални барања за проверка дали одредени лица имаат нивно државјанство – изјави за ВЕЧЕР правен експерт, кој сакаше да остане анонимен.

Тој додава дека посебно прашање е кон кои сè земји нашето МВР или други органи ќе праќаат барање за да проверат за двојно државјанство на кандидатите за пратеници, функционери или слично.

– Во реалноста, тие лица можат да имаат најразлични државјанства – од САД, Австралија, Канада, Германија, Швајцарија, па сè до Бугарија, Србија, Хрватска, Албанија, Косово… Кон кои сè земји ќе се испраќаат барањата за проверки и како ќе се аргументира тоа за да тие држави ни го соопштат податокот што насекаде е заштитен и приватен. Дали ќе биде доволно да се наведе дека проверката е поради тоа што тоа лице е кандидат за некоја функција? – наведува овој експерт.

Предлагачите да најдат начин за проверка

Лидерката на ЛДП, Моника Зајкова, вчера, пред нотар потпиша и завери изјава дека поседува само македонско државјанство. Таа ги повика и другите колеги пратеници да го сторат истото за да се потврди дека предложената законска измена не е само популистички потег. На нашето прашање како може сега државата да провери дали таа, можеби, има и некое друго државјанство, таа одговори дека подносителите на законот морале да мислат и на тоа.

– Оние што го предлагаат законот треба и да предвидат на кој начин ќе се проверува колку државјанства има некој пратеник или функционер. Се надевам дека се консултирале со институциите околу тоа. Начини за проверка, сигурно, има – изјави Зајкова за весникот ВЕЧЕР.

Давањето изјава пред нотар е само една од опциите што се наведува деновиве, како можен начин на потврдување на поседување само едно државјанство. Поседувањето македонско државјанство во домашната правна практика, познато е, се докажува со важечка лична карта, патна исправа и со уверение за државјанство.

Премиерот Мицкоски прексиноќа, во телевизиско интервју, им порача на пратениците да се консултираат со уставноправни експерти пред да се носат измените на Законот, кои предвидуваат забрана за двојно државјанство на народните избраници.

– Мој совет и до едните и до другите е да се со уставноправни експерти за тие да дадат мислење дали има логика да се продолжи или да се напушти идејата – рече Мицкоски.

На ваквиот став вчера реагираше лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој го обвини премиерот дека сега „ретерира од предлогот“.

– Премиерот Христијан Мицкоски ретерираше од најавениот закон од неговите пратеници на ВМРО за тоа пратениците да немаат двојно државјанство. Уште една нивна лага е разобличена. Зошто? Поради тоа што министри и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, градоначалници, функционери, директори на јавни претпријатија имаат бугарски пасоши. Толку од нивниот патриотизам. Лажниот патриотизам сè повеќе се разобличува и секој ден сè повеќе излегува на виделина – рече Филипче, додавајќи дека тие предложиле новината да важи за сите избрани и именувани функционери и да се применува од актуелниот собраниски состав.

Нема договор ни за пржинската влада

Истовремено, врзано за вториот предлог-закон за укинување на пржинската влада, лидерот Филипче порача дека техничката влада мора да остане и СДСМ ќе ги искористи сите механизми за да не се укине.

– Ако целокупниот механизам, начин на владеење е само една имитација на механизмот со кој владееше Никола Груевски до 2016 година, кога беа узурпирани сите институции од него лично, од негови блиски луѓе, од партиски луѓе, сега е истиот систем. Тогаш обвинители, судии од тефтерче. Сега повторно исти луѓе за судии, обвинители и премиер Христијан Мицкоски, кој најавува со чувства како треба да работат судиите и обвинителите. Ваков притисок судството досега нема видено. Ова го нема во ниту една европска држава – рече Филипче.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, во телевизиското интервју истакна дека согласно со овие измени, техничката влада останува и на следните избори, а се укинува за изборите по нив.

– Самиот претседател на СДСМ вели дека се тие толку силни, организирани, луѓето го препознаваат тоа, се приклучуваат кон СДСМ видни интелектуалци, професори итн. Претпоставувам дека на следните избори на кои ќе има техничка влада, тие ќе победат и ќе формираат политичка влада. Законот вели дека од тие избори потоа – нема да важи, а тоа значи дека тие што ќе ја предводат Владата по победата на следните избори веќе ќе немаат техничка влада, ќе  можат да си владеат со Владата, ќе можат да ја управуваат државата – потенцираше Мицкоски. (Б. Ѓ.)

Сиљановска-Давкова: Двојно државјанство не треба да имаат сите функционери

Предлогот со кој на пратениците би им се забранило да имаат двојно државјанство е правно издржлив и треба да се прошири, е ставот на македонската претседателка, Гордана Сиљановска Давкова. Според неа, забраната за двојно државјанство треба да важи за претседателот на државата, министрите и за сите носители на функции важни за безбедноста на земјата.

-Ваквите ограничувања веќе постојат во Законот за надворешни работи за амбасадорите и во Законот за директорот на АНБ. Значи, со закон може да се ограничи двојното државјанство и за други носители на функции. Инаку, мислам дека треба да се однесува и на претседателот на државата и на министрите. Со ваквите решенија не се навлегува во можноста за двојно државјанство, туку за тоа дека за определени функции не може да имате двојно државјанство – изјави денеска Сиљановска-Давкова.

Таа најави дека ќе стави свој потпис и на законот со кој ќе се укине техничката влада, оценувајќи дека актуелното законско решение е неуставно.

– За мене, измените во Законот за влада што се однесуваат на техничката влад,а и тогаш и сега се неуставни. Се разбира дека има техничката влада во светот, но не од ваков тип. Техничките влади се влади на експерти, на бирократи, зошто, за да гарантираат фер и демократски избори – објасни таа.

ИЗДВОЕНИ