Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) утре повторно ќе одлучува за цените на горивата. Со оглед на тоа што цените на нафтата повторно надминаа 100 долари во последните недели, за очекување е дека повторно ќе има корекција на цените, а за колку – ќе покаже математиката на регулаторот.
Последната одлука на РКЕ донесе различно движење кај бензините и кај дизелот. Од 15 септември, еуросупер БС-95 се продава по максимална цена од 100,50 денари за литар, еуросупер БС-98 чини 102,50 денари, додека еуродизелот е 99 денари за литар. Во просек, малопродажните цени на нафтените деривати тогаш беа зголемени за 2,86 проценти.
Токму надминувањето на границата од 100 долари за барел повторно ја зголемува неизвесноста на пазарот, особено поради случувањата на Блискиот Исток и ризикот од нарушување на глобалните рути за снабдување. Инвестициската банка „ЈП Морган“, во анализата што ја пренесува Би-би-си, признава дека во моментов е исклучително тешко да се предвиди каде ќе заврши кризата и каков ќе биде нејзиниот краен ефект врз цената на нафтата. Од банката велат дека првпат од почетокот на конфликтот немаат ниту основна процена за натамошното движење на пазарот.
Причината е што повеќе од претходно очекуваните економски „црвени линии“ веќе се поместени. Цената на суровата нафта повторно е над 100 долари за барел, а неизвесноста околу идното снабдување дополнително го притиска пазарот.
Доколку продолжат високите цени подолг период, последиците не би се почувствувале само на бензинските пумпи туку и преку поскап транспорт, производство, храна и други услуги.
Ефектот веќе се гледа и на европскиот пазар, каде што цените на горивата се приближуваат до рекордни нивоа. Според податоците наведени во анализата, во ЕУ бензинот е значително поскап во споредба со истиот период лани, додека кај дизелот растот е уште поголем.
Авионското гориво, пак, бележи повеќе од двојно зголемување, што дополнително го зголемува ризикот од прелевање на енергетскиот шок во другите сектори.
Високите цени веќе ги ставаат европските влади под притисок да реагираат. Во дел од земјите се разгледуваат мерки за намалување на товарот врз граѓаните, а во Европската Унија се отвора и прашањето за евентуално оданочување на дополнителните профити на енергетските компании.
Европската комисија засега не планира задолжителен механизам за сите членки, но земјите имаат простор самостојно да воведуваат даночни и други мерки.
Унгарската Влада презеде конкретен чекор. Така, сопствениците на дизел-возила со мотор до 110 киловати, односно до 150 коњски сили, ќе добиваат по 5.000 форинти месечно како помош. Парите ќе се исплаќаат од септември до декември, односно секој корисник ќе може да добие вкупно 20.000 форинти за четирите месеци. На повеќето бензински пумпи во Унгарија, литар бензин од 95 октани чини околу 1,77 евра, додека дизелот стигнува и до 1,90 евра за литар.
Премиерот Петер Маѓар ја правда одлуката со тоа што особено многу пораснала цената на дизелот во изминатиот период, па токму сопствениците на вакви возила се издвоени како категорија на која ѝ е потребна дополнителна помош.
За Македонија, секое ново движење на светската цена на нафтата релативно брзо се претвора во домашна ценовна пресметка. РКЕ ги утврдува максималните малопродажни цени според методологија во која значајно место имаат референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар. Тоа значи дека поскапувањето на суровата нафта не мора автоматски и во ист момент да значи идентично поскапување на сите горива, што се виде и со последната одлука: бензините поскапеа, додека дизелот поевтини.
(С. Бл.)












