недела, септември 20, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Од државна во приватна работа – се враќа ли старата дебата за...

Од државна во приватна работа – се враќа ли старата дебата за намалување на администрацијата?

24

Словенија ја отвора темата за намалување на јавната администрација, но со поинаков пристап – не со масовно бркање луѓе од работа, туку со постепено намалување на бројот и со пренасочување на дел од работната сила таму каде што има стопанството потреба. Кај нас, пак, ваквата приказна веќе еднаш беше пробана. Имаше план, имаше најави и имаше објаснувања дека луѓето доброволно би можеле да преминат во приватниот сектор. Но, на крајот сè остана само на хартија

 

Во Словенија повторно се отвора прашањето што да се прави со преголемата администрација, но овој пат идејата е дел од вработените во јавниот сектор постепено да се пренасочат кон стопанството.

Словенечкиот премиер, Јанез Јанша, најави дека станува збор за околу 50.000 луѓе, но нагласи дека нема да има масовно отпуштање, туку процесот би одел постепено, со пензионирање, непополнување на дел од испразнетите места и со доброволно преминување во приватниот сектор.

Според неговите податоци, во времето на осамостојувањето Словенија имала околу 126.000 вработени во јавниот сектор, додека денес бројот е околу 196.000. Тој признава дека дел од растот е оправдан, пред сè поради развојот на здравството, социјалната заштита и другите јавни услуги. Но, според него, толкавото зголемување на бројот на луѓе во државната и во јавната администрација не било потребно.

Планот е постепено да се намалува бројот на административци – кој ќе си замине во пензија, местото да не мора веднаш да се пополни, а дел од луѓето, доколку имаат можност, да најдат работа во стопанството. Причината, според Јанша, е прилично проста – на словенечките фирми им недостигаат работници. Тој посочи дека земјата издала околу 148.000 работни дозволи за странски работници, иако не прецизираше за кој период се однесува бројот.

Идејата е дел од луѓето што работат денес во јавниот сектор да се пренасочат таму каде што има реална потреба од работна сила. За тоа, според најавите, треба да помогнат дигитализацијата, поефикасното организирање на работата и поголемата употреба на вештачката интелигенција.

Сепак, не сите во словенечката власт ја гледаат работата толку едноставно. Министерот за економија, Анже Логар, беше повнимателен и не потврди дека во јавниот сектор навистина има вишок од 50.000 луѓе. Според него, прво треба да се создадат услови приватниот сектор да отвори квалитетни работни места, а евентуалниот вишок во јавниот сектор потоа да се решава согласно со законите.

Интересно е што слична идеја пред неколку години се вртеше и во Македонија. Кај нас планот беше администрацијата, барем дел од неа, да се пренасочи од јавниот во приватниот сектор. Идејата официјално се туркаше во 2019 година, кога тогашниот министер за информатичко општество, Дамјан Манчевски, ја промовираше како една од мерките за намалување на бројот на административци.

Замислата беше луѓето од јавниот сектор што имаат знаење и искуство да може доброволно да преминат во приватниот сектор, односно државата да не ги држи по секоја цена на буџетска плата ако има работа за нив во компаниите. Но, како што често се случува кај нас, идејата убаво звучеше на почеток, а потоа полека се загуби по пат. Проектот почна да се гаси по заминувањето на Манчевски, а во 2022 година тогашниот министер за информатичко општество и aдминистрација, Адмирим Алити, јавно кажа дека веќе нема таков проект.

– Таков проект нема – изјави Алити во октомври 2022 година, објаснувајќи дека и претходно имало неколку иницијативи, но не постоела конкретна база преку која би можело да се види кои профили му се потребни на приватниот сектор и кои луѓе од јавната администрација би можеле да бидат префрлени.

Дополнително, синдикатите беа против идејата, иако планот беше трансферот да биде на доброволна основа и никој да не биде присилно префрлан од државна на приватна работа.

И ова не е единствен пример за идеја што била најавена кај нас со голема помпа, а потоа тивко исчезнала. Во 2021 година, на пример, беше најавено поставување таканаречени документомати – апарати преку кои граѓаните би можеле сами да вадат одредени документи, без да одат за секоја работа на шалтер. Само неколку месеци подоцна, и таа идеја беше напуштена.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ