недела, септември 20, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Сребро и бронза за Македонија на Олимпијадата во Тирана

Сребро и бронза за Македонија на Олимпијадата во Тирана

3

Македонскиот тим што учествува на 33. Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2026) во Тирана, освои сребрен и бронзен медал. Во тимот, предводен од Благојче Павлески и Петар Ковачовски, студенти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), се Владимир Грчев од Кочани, Дамјан Давков од Штип, Никола Стојковски од Скопје и Марко Кренков од Струмица. Грчев се закити со сребрен, а Дамјан Давков со бронзен медал. Стојковски и Кренков, пак, освоија олимписки пофалби.

Професорот Миле Јованов, кој е и претседател на Здружението на информатичари на Македонија (ЗИМ), повторно беше избран за претседател на Балканската олимпијада во следниот тригодишен мандатен период.

– Секој медал освоен на овие натпревари е потврда за трудот што го вложуваат нашите ученици, наставници и ментори во текот на целата година. Владимир и Дамјан со своите медали, а Никола и Марко со освоените пофалби, покажаа дека Македонија продолжува да произведува млади информатичари способни да се мерат со најдобрите во регионот. Ваквиот континуитет на резултати не е случаен, туку е плод на долгогодишниот систем на подготовки и натпревари што го негуваме заедно со ФИНКИ – изјави Јованов.

Учениците што се дел од македонскиот тим за БОИ 2026 беа избрани преку целогодишен циклус натпревари, кој редовно се организира од Здружението на информатичари на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 37. пат. Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk, кој е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи, а циклусот беше организиран со поддршка на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), како и на неколку општествено одговорни компании.

Балканската олимпијада по информатика (БОИ) е врвен натпревар во програмирање за средношколци од земји што се наоѓаат на или околу Балканскиот Полуостров, а се организира секоја година од 1993 година наваму.

На годинашното 33. издание, учествуваа натпреварувачи од 13 земји членки на БОИ-заедницата (Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Италија, Молдавија, Црна Гора, Македонија, Романија, Србија, Словенија и Турција), а како гости настапија и претставниците на уште пет земји (Грузија, Киргистан, Саудиска Арабија, Туркменистан и Украина). Учениците се натпреваруваа индивидуално во решавање алгоритамски проблеми, во текот на два натпреварувачки дена.

Домаќин на БОИ 2026, која се одржа од 14 до 20 септември, е „STEM Hub Center“.

Следен настан што им претстои на македонските ученици  информатичари е Јуниорската балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2026), која ќе се одржи од 22 до 28 септември, во Сараево, Босна и Херцеговина. Следната, 34 по ред Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2027), ќе се одржи идната година, во Турција.

 

ИЗДВОЕНИ