недела, септември 20, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Македонците што купуваат станови во Грција ќе плаќаат петпати повеќе

Македонците што купуваат станови во Грција ќе плаќаат петпати повеќе

53

Купувањето стан во Грција би можело значително да поскапи за македонските граѓани што планираат да инвестираат во недвижност во оваа земја. Грција воведува нов даночен режим со кој данокот на пренос на сопственоста на станбените недвижности за физички лица од земјите надвор од Европската Унија, кои немаат статус на долгорочни жители, ќе се зголеми од сегашните 3 на 15 проценти.

Новата мерка нема да се применува веднаш, туку од 1 јули 2027 година, што им остава преоден период на купувачите да ги завршат почнатите трансакции.

Според грчкиот медиум „Прото тема“, промената директно ќе ги засегне купувачите од таканаречените трети земји, меѓу кои е и Северна Македонија. Колку голема ќе биде разликата, најдобро покажуваат конкретните пресметки. За стан со даночна вредност од 200.000 евра, сегашниот данок на пренос од 3 проценти изнесува 6.000 евра, додека со новата стапка од 15 проценти би достигнал 30.000 евра. Кај недвижност вредна 500.000 евра, данокот би се зголемил од 15.000 на 75.000 евра, додека за имот од 800.000 евра наместо сегашните 24.000, би се плаќале дури 120.000 евра. Со дополнителната давачка во корист на локалните самоуправи, вкупното даночно оптоварување би достигнало околу 15,45 проценти, наспроти сегашните 3,09 проценти.

Сепак, новата стапка нема да се однесува на сите недвижности и на сите странски купувачи. Според најавените правила, таа ќе важи за станбенитр недвижности, додека деловниот простор, земјиштето и другите категории имот остануваат надвор од оваа конкретна мерка.

Исто така, клучен ќе биде статусот на купувачот, односно дали станува збор за лице од земја надвор од ЕУ што нема статус на долгорочен жител во Грција.

За Македонците што веќе планираат да купат стан во Грција, ова значи дека времето на купување може да има значително влијание врз вкупниот трошок. Кај стан од 200.000 евра, разликата меѓу сегашниот и идниот данок би била 24.000 евра, а кај имот од 500.000 евра дури 60.000 евра.

Дополнително, купувачите треба да ги земат предвид и другите трошоци поврзани со трансакцијата, како нотарски, правни и административни трошоци.

Новите правила доаѓаат во период кога интересот на странските купувачи за грчкиот пазар на недвижности е значаен, особено во туристичките и во крајбрежните региони.

За македонските граѓани, кои често купуваат имоти во северна Грција и во туристичките места, повисокиот данок ќе значи и поголем почетен буџет потребен за реализација на купувањето. Затоа, за оние што сериозно размислуваат за купување стан во Грција, особено важно ќе биде навреме да проверат дали ќе бидат опфатени со новата даночна стапка, која ќе биде даночната вредност на конкретниот имот и кои дополнителни трошоци ќе треба да ги платат.

Од 1 јули 2027 година, истата недвижност може да носи значително повисок даночен трошок за купувачите од земјите надвор од ЕУ.

 

 

 

ИЗДВОЕНИ