Камионџиите од Македонија заглавија меѓу границите, роковите и шенгенските правила. Ако ги потрошат дозволените 90 дена, немаат многу избор, освен да излезат од зоната и да чекаат. Хрватска веќе понуди визи за професионалните возачи, а Македонија се обидува да издејствува слични договори со повеќе земји

 

Новите правила за престој во Шенген-зоната им создаваат сериозен проблем на превозниците од Македонија и од цел Западен Балкан. Според правилото, возачите од земјите што не се членки на Шенген можат да престојуваат најмногу 90 дена во период од 180 дена. За камионџиите и за автобусчиите што секојдневно возат низ Европа, ова е голема мака, бидејќи дозволените денови брзо се трошат, а потоа возачот мора да излезе од Шенген-зоната и да чека да му се ослободат нови денови.

Проблемот веќе почна сериозно да ги загрижува транспортните компании, бидејќи ако нема доволно возачи што можат легално да возат низ Европа, може да се наруши целиот транспорт на стока. Тоа значи подолго чекање, поскап превоз, проблеми со испораките, а во најлош случај и нови блокади на границите.

Токму затоа вниманието го привлече потегот на Хрватска. Таа е првата земја членка на Европската Унија што овозможува посебни долгорочни визи за возачите на камиони и на автобуси што се државјани на земјите надвор од ЕУ. Од 23 септември ќе може да се поднесуваат барања за вакви визи, а мерката не се однесува само на Србија туку и на другите земји од Западен Балкан, вклучително и на Македонија.

На почетокот, хрватската амбасада во Скопје, Белград, Подгорица, Сараево ќе прима ограничен број барања дневно, а потоа, со целосното пуштање на електронскиот систем, бројот ќе се зголемува. Идејата е возачите да не бидат постојано ограничени од правилото 90 дена во 180 дена и да можат нормално да си ја вршат работата.

Но, како што појаснуваат оттаму, важно е да се знае дека хрватската виза не значи автоматски дозвола за работа или за неограничен престој во сите земји на ЕУ.

Сепак, за транспортниот сектор ова е значаен чекор и пример што би можеле да го следат и другите земји членки.

Од македонската бизнис-заедница велат дека внимателно се следи проблемот и дека се очекува Владата да најде решение што нема да биде на штета на превозниците.

Од Сојузот на стопански комори посочија дека засега нема сериозни штети, но предупредуваат дека ситуацијата може да стане многу посложена.

Претседателот на Сојузот на стопанските комори, Горан Ѓорѓиевски, предупреди дека ако не се реши проблемот, можно е повторно да има затворање на границите. Според него, камионџиите и логистичарите веќе се соочуваат со сериозен проблем поради ограничувањето и времето што го поминуваат во Шенген-зоната.

Од друга страна, Миле Бошков од Бизнис-конфедерацијата на Македонија потсетува дека мора да се почитуваат правилата. Според него, едно од решенијата е да се зголеми бројот на лиценцирани возачи што ќе можат да ги покриваат транспортните тури без да го надминат дозволениот престој од 90 дена во 180 дена.

И од Транспортната заедница укажуваат дека засега нема брзо и едноставно решение на ниво на цела ЕУ. Директорот на Постојаниот секретаријат, Таилас Линкаитс, истакна дека има повеќе предлози, но за нив е потребна согласност од земјите членки на Унијата. Затоа, според него, како најбрзо решение во моментов се гледаат билатералните договори: секоја земја од Западен Балкан да разговара со конкретни земји од ЕУ и да обезбеди полесен режим за своите професионални возачи.

Македонија веќе тргна по тој пат. Владата досега има постигнато договори со Швајцарија, Хрватска и со Романија, а се разговара и со Австрија, Германија и со Словенија.

Целта е македонските професионални возачи да можат подолго да престојуваат и без непотребен застој да ги завршуваат транспортните тури низ Европа. Хрватскиот пример покажува дека може да се најде начин за олеснување на проблемот, но за трајно решение ќе треба договор на пошироко европско ниво.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ