Со грст убави македонски народни песни, како и со поезија посветена на својот роден град, пензионерите од Општина Гевгелија ги одбележаа 80-годишнината од пензионерското организирање во Македонија и 20 Септември – Денот на пензионерите на Македонија.
Свечениот концерт почна со честитка на Здружението на пензионери од Гевгелија до сите свои членови, во која, меѓу другот,о се вели: „Светскиот ден на пензионерите, 20 Септември, не е само ден на прослава туку и ден кога треба да се потсетиме дека зад секој пензионер стојат години работа, труд, создавање, одговорност и пожртвуваност. Ние, пензионерите, не сме само минато. Ние сме живата меморија за едно време, чувари на вредностите и мост меѓу генерациите. Осумдесет години од формирањето на Сојузот на пензионерите на Македонија се 80 години борба за подобар живот, за достоинство, за права и за место што заслужено ни припаѓа на сите пензионери во нашето општество. Во тие 80 години се смениле времиња, генерации и општествени услови, но едно нешто останало исто: потребата на човекот да биде почитуван и тогаш кога ќе го заврши својот работен век“.
По честитката, на сцената излегоа членовите на пејачката група „Сава Михајлов“, која делува при гевгелиското пензионерско здружение, кои ги понесоа присутните на едно пријатно музичко патување, исполнувајќи познати наслови од македонските народни песни, во кои се пееше за љубовта, за младоста, за меракот, за другарувањето, затоа што пензионерските денови и години, покрај другото, се исполнети и со убава песна и со добро расположение.
Помеѓу музичките точки, членовите на пензионерскиот поетски клуб, вљубеници во убавиот пишан збор, прочитаа неколку поетски творби инспирирани од својот роден град, во кои ги воспеваа убавината, топлината, сончевината и гостопримството на Гевгелија.
Салата на Народниот театар одекнуваше од аплаузи, со кои присутните ги поздравуваа секоја изведена песна и секоја прочитана поетска творба. Тие уживаа во изведбата на пејачката група и на солистите, кои, како изненадување, првпат ја изведоа песната посветена на Гевгелија. Музиката и аранжманот на оваа најнова песна за градот на сонцето и на гостопримството се дело на Андон Пачиколев, додека текстот е на Андон Пачиколев и Јана Узунова.
Тоа беше вечер посветена на празникот на пензионерите, вечер на гордост, но и на надеж дека пензионерот никогаш не треба да биде оставен настрана, туку секогаш да биде почитуван, слушнат и активно вклучен во секојдневниот живот на својата заедница.
Напуштајќи ја салата, пензионерите од срце си посакаа, пред сè, добро здравје, семејна среќа, спокој и уште многу убави години исполнети со дружење и со радосни моменти.
Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија го одбележува 20 септември како Ден на пензионерите на Македонија, во знак на донесувањето на првиот Закон за пензиско и инвалидско осигурување во далечната 1946 година. Здружението на пензионери на Општина Гевгелија е формирано во 1971 година. Тоа денес брои над 4.500 пензионери и располага со пет клуба за пензионерите, во населените места во Општината.
(Љ. А.)












