За неполни две години направивме многу во спортската инфраструктура и тоа мене како поранешен спортист и сега како спортски функционер ме прави особено горд – истакна министерот за спорт Борко Ристовски во интервјуто за Радио Лидер во кое зборуваше на повеќе теми поврзани со работата на Министерството за спорт во изминатите две години, реализираните проекти, како и за плановите и проектите што се во најава.
-Резултатите се единствено мерило по кое треба да се мери работата и успешноста. Јас сум особено горд што заедно со целиот тим во Министерството за спорт, со поддршка од Владата и од премиерот Христијан Мицкоски, направивме многу особено во делот на спортската инфраструктура. Да реконструираш 5 спортски сали, некои завршени некои во тек, да почнеш 3 нови спортски сали, да направиш над 50 мултифункционални игралишта низ целата држава и 7 базени за неполни две години не е мала работа. Направивме сериозен напредок во спортската инфраструктура и јас сум горд на сето тоа. На Македонија, генерално, и недостасува спортска инфраструктура и токму затоа еден од приоритетите на Министерството за спорт во изминатиот период беше изградба и реконструкција на спортската инфраструктура и тука нема да застанеме – истакна Ристовски.
Министерот за спорт во интервјуто најави дека следната недела официјално ќе биде пуштена во употреба салата „Расадник“ во Скопје која е комплетно реконструирана. Во најава е и комплетна реконструкција на отворениот базен „Плаја Виста“ како и на целиот спортски комплекс што се наоѓа под скопското Кале. Ристовски соопшти дека веќе разговарале со градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски и дека по класификацијата како национален спортски објект, Министерството за спорт заедно со Град Скопје ќе направат заеднички проект и заеднички ќе ја финансираат реконструкцијата на овој спортски комплекс.












