петок, јуни 5, 2026
Дома МАГАЗИН Јове Кекеновски со цедето „Балкански жубор“ воспоставува силна врска со традицијата во...

Јове Кекеновски со цедето „Балкански жубор“ воспоставува силна врска со традицијата во современа фолклорна форма – ексклузивно за српската издавачка куќа ПГП-РТС

19

Цедето „Балкански жубор“ не е само обичен музички продукт кој ќе ги краси витрините во музичките продавници во Белград или во Скопје, туку тоа е нешто што мора задолжително да го имате во вашата домашна ризница на истенчени вкусови

Јове Кекеновски – добро познат македонски универзитетски професор, политиколог, колумнист, политичар, но и уште попознат музичар, маестро на хармониката, за српската издавачка куќа ПГП-РТС сними вонсериски авторско цеде, „Балкански жубор“, насловен по насловната композиција.

– Ова моето исклучително цеде се случува по речиси тридецениска пауза, вели успешно расположениот Кекеновски за весникот ВЕЧЕР. Тоа што го поврзува целото цеде е неговата рамнотежа помеѓу традицијата и современото, меѓу структурата и слободата, меѓу техниката и емоцијата.  На цедето се наоѓаат девет композиции, која од која позначајна, поубава за слушање. Секоја со свој специфичен карактер и музичка насока.Во целиот овој проект наречен „Кекениус Македониус“ доминира музика која се развива постепено, создавајќи чувство на свеченост која се прелива преку тој специфичен македонски звук. Самата насловна композиција „Балкански жубор“ е со лирска мекост, создавајќи на тој начин атмосфера на внатрешен мир. Нам најинтересен ни е „Бутелски чочек“, не само поради името на скопската населба во која и самиот Кекеновски го поминува својот исполнет живот, туку и поради тоа што овој чочек воспоставува силна врска со традицијата, но во современа фолклорна форма. Вниманието на слушателот ги привлекуваат и варијациите на познатата македонска песна „Се посврши Сербез Донка“.

Во композициите „Симфониско оро“ и „Мартиново оро“ се тежнее кон оркестарска широчина и развој, а, секако, и кон интимност и топлина. Интересен момент на албумот е создаден и со „Маѓарски танц бр. 5“, дело од Јоханес Брамс, во кое Македонецот Кекеновски покажува вештина да навлезе во класичниот странски репертоар, донесувајќи го на својот јужњачки македонски начин преку својата омилена хармоника. Значаен придонес во финалниот звук имаат аранжманите на маестрата Дамир Имери и Љупчо Соколовски кои дадоа значаен придонес во финишот на овој звук, оставајќи му притоа простор на авторот да го презентира својот препознатлив израз на свирење.

Цедето „Балкански жубор“ не е само обичен музички продукт кој ќе ги краси витрините во музичките продавници во Белград или во Скопје туку тоа е нешто што мора задолжително да го поседувате во вашата домашна ризница на истенчени вкусови. Преку сите тие композиции, Кекеновски докажува дека е вистински балкански уметник со уметноста која не познава ниту граници ниту години на траење.

(Д. М.)

 

ИЗДВОЕНИ