Со дополнетиот предлог-ребаланс на буџетот за 2026 година се обезбедуваат дополнителни средства за забрзување на капиталните инвестиции, поддршка за земјоделството, општините и за реализација на развојните приоритети на Владата, како и за непречено исполнување на законските обврски. Ова го истакна министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, образложувајќи го ребалансот пред пратениците во Собранието.
Таа нагласи дека со предложените измени се обезбедуваат средства за исплата на зголемените плати во секторите каде што е предвиден раст, дополнителна поддршка за земјоделството, повеќе средства за социјална заштита и за општините, а акцентот е ставен на забрзувањето на инвестицискиот циклус и на реализацијата на инфраструктурните проекти.
Според министерката, и покрај глобалната економска неизвесност, македонската економија останува стабилна. За 2026 година е проектиран раст на бруто-домашниот производ од 3,5 проценти, се очекува инвестициите да пораснат за 7,2 проценти, просечната нето-плата за 8,3 проценти, додека невработеноста треба да се намали на 11 проценти.
Особено беше истакната реализацијата на капиталните расходи, кои во првата половина од годинава достигнале 19,4 милијарди денари, што е за 53,5 проценти повеќе во споредба со истиот период лани.
Со ребалансот, вкупните приходи се проектирани на 379,5 милијарди денари, а расходите на 425,8 милијарди денари. Средствата се насочуваат кон финансирање на законските обврски, капиталните инвестиции, земјоделството, социјалната заштита и за поддршка на општините, додека расходите за стоки и услуги се намалуваат за околу 800 милиони денари преку внатрешни реалокации.
Во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се обезбедени дополнителни 170 милиони денари за изградба на дистрибутивни центри во Скопје и во Струмица, како и за реконструкција и адаптација на зградата на ИПАРД. Дополнително, преку прифатените амандмани се обезбедени средства за поддршка на земјоделките, воспоставување национална СОС-линија за жртвите на семејно и родово базирано насилство и отворање два згрижувачки центри.
Со ребалансот, капиталните расходи се зголемуваат на околу 46 милијарди денари, што е за 5,8 милијарди денари повеќе од иницијално планираното. Средствата ќе бидат насочени кон изградба на коридорите 8 и 10-д, железничката инфраструктура, енергетските и комуналните проекти, водоснабдувањето, здравството, образованието, земјоделството и инвестициите во општините.
– Овој ребаланс не е промена на правецот, туку потврда за нашата определба навремено да ги приспособуваме политиките на реалните економски услови без да се откажеме од развојните цели – истакна министерката Димитриеска-Кочоска, повикувајќи ги пратениците да го поддржат предлог-ребалансот.












