вторник, јули 28, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Седум организации ќе добијат 17 илјади евра за промоција на земјоделските производи

Седум организации ќе добијат 17 илјади евра за промоција на земјоделските производи

20

Седум локални манифестации посветени на домашната храна, земјоделското производство, руралната жена, задругарството, лозарството и на локалните традиции ќе добијат финансиска поддршка од Министерството за земјоделство.

Договорите за техничка поддршка за организирање локални манифестации и саеми од областа на земјоделството и руралниот развој се во вкупна вредност од 1.048.509 денари (17.048 евра).

Парите, како што информираат од Министерството за земјоделство, се доделени по спроведен јавен повик, на кој пристигнаа 26 предлози.

– Домашното производство не се зајакнува само со зголемување на произведените количини. Важно е производот да биде препознаен, соодветно вреднуван и да го пронајде својот пат до потрошувачите. Локалните манифестации и саеми ја создаваат токму таа врска, односно ги доближуваат производителите до купувачите, овозможуваат размена на знаења и искуства и внесуваат нова економска енергија во руралните средини – изјави министерот за земјоделство, Борче Серафимовски, по потпишувањето на договорите.

Поддршка за организирање манифестации добија: Здружението за рурален и регионален развој „Блесок“ од Радовиш, за манифестацијата „Од зрно до погача”; Земјоделската задруга „Шари“ од Тетово, за „Ден на задругите 2026“; Здружението за земјоделци „Современо земјоделство“ од Битола, за „Рурална жена – силата на Пелагонија“; Здружението за заштита, промоција и едукација за храна „Слоу фуд Водно“ од Скопје, за „Храна за сите“; Здружението за негување и развој на винската култура, винскиот туризам и производите од грозје „Винотек” од Кавадарци, за „Тиквешија плодна лоза благородна 2026“; Здружението на конвивиум „Слоу фуд Прилеп” од Прилеп, за „Корени и трпеза – рурална жена денес“ и Општина Кратово, за манифестацијата „Компиријада 2026“.

Од Министерството велат дека со поддршката на овој вид манифестации, се создава простор македонските земјоделски производи да допрат до повеќе потрошувачи, а руралните средини во поголем обем да ги искористат своите производствени, туристички и економски потенцијали.

ИЗДВОЕНИ