Државните функционери треба да покажат особена внимателност и одговорност во своите јавни изјави кога станува збор за политички и меѓуетнички чувствителни случаи каков што е изрекувањето на пресудата на водачите на ОВК од судот во Хаг. Ова, во изјавата за весникот ВЕЧЕР, го наведува извршната директорка на македонскиот Хелсиншки комитет за човекови права, Уранија Пировска, по реакциите во јавноста на објавата на претседателот на македонското Собрание ,Африм Гаши. Во објавата на „Фејсбук“, Гаши наведе дека осудените му припаѓаат на славното поглавје на историјата.
– Ниту една пресуда не може да го негира фактот дека Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Кадри Весели и Реџеп Селими му припаѓаат на славно поглавје во историјата. За албанскиот народ, тие се и остануваат ослободители на Косово – нагласи Гаши.
Поранешните лидери на ОВК – Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими се осудени на затворски казни од 13 до 25 години за воени злосторства, вклучително убиства, тортура, сурово постапување и произволно лишување од слобода. До објавата доаѓа само кусо време откако директорот на државната Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ, предизвика остри политички реакции во јавноста откако на „Инстаграм“ објави фотомонтажа и содржина со која го величеше воениот злосторник Ратко Младиќ и во која тој го нарече „небесен генерал“.
Според Пировска, во конкретниот случај станува збор за првостепена пресуда.
– Изјавите со кои се релативизираат воени злосторства можат да предизвикаат дополнителна нетрпеливост и тензии и со тоа да им нанесат штета на општеството и на меѓуетничките односи – предупредува Пировска.
Партијата Вреди, која е дел од владиното мнозинство, соопшти дека пресудата е „неправедна и неприфатлива“. И од ДУИ сметаат дека одлуката е неправедна и длабоко разочарувачка.
Опозицискиот СДСМ соопшти дека реакцијата на Гаши е несоодветна.
– Пресудата не е против албанскиот народ, ниту против правото на Косово на самоопределување и слобода, туку судот одлучува за одговорноста на поединци – нагласуваат од СДСМ.
Од ЛДП, пак, порачаа дека е опасно за правната држава кога високи носители на власта ги оспоруваат судските пресуди – независно дали станува збор за функционери кои го величаат осуденикот Младиќ, или за функционери кои ја релативизираат пресудата за осудениците во Косово. (Б. Ѓ.)












