понеделник, ноември 2, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Академската заедница бара МОН да го врати „родот“ во наставната програма

Академската заедница бара МОН да го врати „родот“ во наставната програма

По измените на програмата за здравствено образование

227

Ревизијата на програмата за сексуалното образование во средно училиште, изборниот предмет „Здравје и заштита на здравјето“, која следуваше по повлекувањето во септември, предизвика реакции и од академската заедница.

Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет на УКИМ бара пред почетокот на примената да се направи дополнителна ревизија и да се врати терминот „род“. Институтот посочува дека една од најдоследните промени во однос на претходната верзија е отстранувањето на поимот „род“ и изведените термини како родова рамноправност, родови улоги, родови стереотипи и родово базирано насилство. Според нив, ова не е само терминолошко поедноставување, туку концептуален пропуст, бидејќи програмата и понатаму бара од учениците да ги разликуваат биолошките карактеристики од општествените очекувања и улоги, но не им го дава научниот поим со кој се објаснува таа разлика.

„Програмата бара анализа на структура, а истовремено го одзема поимот што ја именува структурата“, наведуваат од Институтот. Оттаму оценуваат дека без оваа терминологија учениците добиваат содржини за стереотипи, предрасуди, дискриминација и насилство, но без концептот што ги поврзува и објаснува.

Институтот предупредува и на правна недоследност бидејќи терминот „род“ веќе се користи во домашното законодавство, вклучително и во законите за еднакви можности, за спречување и заштита од дискриминација и за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство. Како аргумент ја наведува и Истанбулската конвенција, која ја обврзува државата да вклучува образовни содржини за нестереотипни родови улоги, еднаквост и спречување насилство.

Од Институтот нагласуваат дека не се против новата програма, туку бараат таа да биде научно и правно усогласена. Предлагаат Министерството за образование и Бирото за развој на образованието да го вратат терминот „род“ и сродните поими, јасно да ги дефинираат во воведниот дел и да отворат консултативен процес со академската заедница. Институтот нуди и стручна помош при подготовката на дефинициите, прирачникот за наставници и обуките.

Бирото за развој на образованието ја ревидираше програмата за Сеопфатно сексуално образование, која сега го носи името „Здравје и заштита на здравјето“. Во новата верзија се отстранети термините „сексуално образование“, „род“ и „сексуални права“ од називите на темите и наставните единици. Темата „Род и родова рамноправност“ сега е именувана само „Рамноправност“, а лекцијата за родова еднаквост, родови стереотипи, дискриминација и сексизам е заменета со лекција за стереотипи, предрасуди и дискриминација. „Сексуално и репродуктивно здравје“ е преименувана во „Репродуктивно здравје“, додека темата „Сексуални и репродуктивни права“ сега се вика „Права и одговорности поврзани со здравјето“. (П. А.)

 

ИЗДВОЕНИ