Сериозен потрес во српскиот финансиски сектор. Давор Мацура, сопственикот на „Алта банка“, заврши во полициски притвор по акцијата што ја спровеле надлежните служби во просториите на банката, а која, според објавените информации, траела повеќе од 30 часа.

Приведувањето на Мацура следувало по вистински финансиски пресврт за институцијата. Имено, додека полицијата вршела претрес во банкарските простории, Народната банка на Србија донела одлука со која на „Алта банка“ ѝ ја одзела дозволата за работа.

Според информациите објавени во медиумите, Народната банка на Србија поднела кривична пријава до Јавното обвинителство за организиран криминал против „Алта банка“ и повеќе одговорни лица во банката. Од Обвинителството соопштиле дека пријавата им била доставена по електронска пошта, по што од Министерството за внатрешни работи и Службата за борба против организиран криминал било побарано итно да ги проверат целокупното работење на банката и околностите што довеле до одземање на дозволата.

Обвинителството уште на 27 октомври побарало од Народната банка на Србија податоци за сите трансакции кон странство во периодот од 27 септември до денот на доставувањето на извештајот. Барањето било испратено по објавите во медиумите и на социјалните мрежи за одлив на средства од сметка на една банка кон странство.

Засега нема потврдени информации за конкретни кривични дела што му се ставаат на товар на Мацура, па приведувањето не треба да се толкува како доказ за негова вина. Инаку, Народната банка на Србија објави дека ја одзеде лиценцата поради влошената финансиска состојба и заштита на штедачите.

Мацура, според пишувањето на српските медиуми е бизнисмен близок до Српската напредна партија (СНС), кој од сопственик на менувачница во Земун, за време на владеењето на напредњаците, изгради деловна империја и се издигна меѓу најбогатите луѓе во Србија. Мацура неодамна стана сопственик на маркетите ИДЕА во чиј состав се и Рода и Меркатор, како и на вкупно пет компании во сопственост на хрватската групација Фортенова.

ИЗДВОЕНИ