понеделник, ноември 2, 2026
Дома LIFE ИНТЕРВЈУ со Розита Андонова: Разговорот со психолог не е слабост, туку грижа...

ИНТЕРВЈУ со Розита Андонова: Разговорот со психолог не е слабост, туку грижа за себе

1
За менталното здравје, за предизвиците со кои се соочуваме во секојдневниот живот, за улогата на психолозите и за можностите за подобра грижа за менталното здравје, за весникот ВЕЧЕР разговараме со м-р Розита Андонова, психолог, психотерапевт и регионален координатор на Комората на психолози за Гевгелија, Богданци, Валандово и Дојран.

 

Љубчо АЛЕКСОВСКИ

Менталното здравје е еднакво важно како и физичкото здравје. Тоа е основа за нашата способност да размислуваме јасно, да ги разбираме сопствените чувства, да ги одржуваме односите со другите луѓе и да се справуваме со животните предизвици. Во време кога секојдневно сме изложени на вести за војни, политички тензии, економска неизвесност, општествени конфликти и страв од иднината, грижата за менталното здравје станува особено важна. Да се има добро ментално здравје не значи човекот постојано да биде среќен, безгрижен и ослободен од проблеми. Тоа значи да може да се соочи со тешкотиите, да ги прифати сопствените чувства и да продолжи да живее со надеж, достоинство и со чувство за смисла.

По повод Светскиот ден на менталното здравје, во Гевгелија се одржа регионалната трибина „Да се слушнеме: од вистински гласови до вистинска промена“. Која беше главната порака што сакавте да ја испратите преку регионалната трибина?
Пред сè, сакавме да ги охрабриме граѓаните да зборуваат отворено за менталното здравје и да побараат психолошка поддршка кога чувствуваат дека им е потребна. Сè уште има луѓе кои се двоумат да се обратат кај психолог, иако тоа е сосема природен и одговорен чекор во грижата за себе. Но, сакам да нагласам нешто: ние, психолозите, не се занимаваме со менталното здравје само на Светскиот ден. Тоа е нашата секојдневна работа и професионална одговорност. Ваквите настани се можност да излеземе од нашите работни простории и институции, да бидеме поблиску до луѓето, да ги слушнеме нивните размислувања и потреби. Токму тоа беше и суштината на трибината.

Денес имаме повеќе информации од кога било, а сепак се соочуваме со бројни психолошки предизвици. Како го објаснувате тоа?
Живееме во време на забрзано темпо, постојани обврски и голема изложеност на информации. Финансиската неизвесност, професионалниот притисок, семејните проблеми, нарушените односи и осаменоста можат сериозно да влијаат врз нашето психолошко функционирање. Социјалните мрежи дополнително нè изложуваат на споредување со другите, на различни очекувања и на огромен број совети. Но, тоа што нешто ни е достапно како информација не значи дека сме го разбрале, ниту дека е применливо во нашата ситуација. Исто така, важно е да не го сведуваме менталното здравје само на присуство или отсуство на психичко нарушување. Тоа е и начинот на кој се справуваме со секојдневните предизвици, ги градиме односите, ги препознаваме сопствените потреби и ја одржуваме психолошката рамнотежа.
Не треба да чекаме проблемите да станат сериозни за да почнеме да се грижиме за себе.

Дали луѓето денес полесно се решаваат да побараат психолошка помош или предрасудите сè уште се присутни?
Има позитивни промени, но предрасудите сè уште постојат. Некои луѓе се плашат од осуда, од етикетирање или од тоа што ќе помисли околината. Други сметаат дека мора сами да се справат со сите проблеми. Затоа постојано треба да потсетуваме дека психолошката поддршка не е наменета само за луѓе со дијагностицирани психички нарушувања. Некој може да побара помош поради стрес, загуба, семејни тешкотии, животни промени или едноставно затоа што се наоѓа во период кога му е потребна стручна поддршка. Би сакала да дојдеме до тоа разговорот со психолог да не се доживува како нешто што треба да се крие или оправдува и ова постојано го повторувам.

Од ваше лично искуство, колку граѓаните од општина Гевгелија, и од овој регион, се подготвени да се обратат на психолог за решавање на некој нивни психолошки проблем?
Од моето досегашно професионално искуство можам да кажам дека забележувам позитивни промени. Сè поголем број луѓе се обраќаат за психолошка поддршка, што за мене е охрабрувачки показател дека кај значителен дел од граѓаните постепено се надминуваат предрасудите и стравот од стигматизација. Притоа, не би ги издвоила само младите како генерација која станува посвесна за важноста на менталното здравје. И повозрасните наши сограѓани сè почесто препознаваат дека разговорот со психолог може да им биде од корист. Луѓето се обраќаат поради различни животни тешкотии, како на пример, стрес, анксиозност, загуба на блиска личност, семејни проблеми, нарушени меѓучовечки односи, но и поради потребата подобро да се разберат себеси и своите емоционални реакции. Сметам дека ваквите промени се значајни, но тоа не значи дека предрасудите се целосно надминати. Сè уште има луѓе кои се двоумат да побараат помош, најчесто поради страв од осуда, недоволна информираност или уверување дека со своите проблеми мора да се справат сами. Токму затоа организираме трибини и други јавни активности. Сакаме да ги информираме граѓаните, да ги охрабриме да побараат стручна поддршка кога им е потребна и да придонесеме за намалување на стигмата поврзана со менталното здравје. Особено сакам да нагласам дека разговорот со психолог се одвива во професионална средина во која се почитуваат доверливоста, приватноста и достоинството на лицето, во согласност со етичките и законските обврски. Доверливоста има и законски определени граници, за кои лицето треба да биде соодветно информирано. За мене, секој човек што ќе се охрабри да побара помош претставува позитивен чекор. А кога барањето психолошка поддршка ќе стане нешто природно и прифатено во нашата заедница, тогаш можеме да зборуваме за вистинска промена во односот кон менталното здравје.

Колку е важна поддршката од локалните власти и институциите за вашите заложби да прераснат во конкретни активности?
Без таа поддршка, тешко можеме да зборуваме за долгорочни и одржливи промени. Психолозите можат да понудат знаење, стручност, идеи и иницијативи. Но, за да се реализираат, потребни се соработка, организациски услови, ресурси и подготвеност од оние кои носат одлуки. Би сакала менталното здравје да добие поголемо внимание и во локалните политики. На пример, да се разгледаат можностите за достапни психолошки советувалишта, превентивни програми и психоедукативни активности за различни возрасни и општествени групи. Не очекуваме сè да се случи одеднаш, но важно е да започнеме со конкретни чекори. Не бараме само декларативна поддршка, туку вистинско партнерство. Инвестирањето во менталното здравје не е трошок без поврат. Тоа е вложување во луѓето, во нивните семејства, во работните средини и во иднината на заедницата.

Во вашата професија често постојат големи очекувања од клиентите, пациентите и нивните семејства. Дали желбата да се помогне е доволна или постојат граници што психологот мора да ги почитува?
Желбата да се помогне, емпатијата и разбирањето се важни, но не се доволни сами по себе. Психологот има професионална одговорност. Нашето постапување мора да биде засновано на стручни знаења, компетенции, етички принципи и почитување на важечките закони, правилници и протоколи. Понекогаш, барањата или очекувањата на лицето што ни се обратило не се во согласност со стручната процена или со правилата според кои сме должни да постапуваме. Тогаш треба внимателно да го сослушаме човекот, да му ги објасниме можностите и ограничувањата и да постапиме професионално. Да го слушнеме и разбереме човекот не значи дека секогаш можеме или треба да го исполниме неговото барање. Професионалните граници не се недостаток на емпатија. Напротив, тие се дел од одговорната психолошка практика и служат за заштита на правата и достоинството на луѓето, но и на интегритетот на професијата.

За крај, која е вашата порака до нашите читатели, како во овие немирни времиња да го сочуваме своето ментално здравје?
Грижата за менталното здравје не значи да ги игнорираме проблемите, туку да најдеме начин да се соочуваме со нив без да ја изгубиме сопствената внатрешна рамнотежа.
Менталното здравје не е состојба што еднаш се постигнува и засекогаш се задржува. Тоа е процес што бара внимание, разбирање, поддршка и грижа за себе во текот на целиот живот. Исто како што одиме на лекар кога имаме физички проблем, така треба да си дозволиме да побараме помош и кога емоционално ни е тешко.
Би сакала секој човек да знае дека не мора сам да се справува со сите животни тешкотии. Важно е да побараме помош кога ни е потребна, да разговараме отворено и да покажуваме повеќе разбирање и поддршка едни за други. Не мора секогаш да имаме одговор на сè. Но, можеме да бидеме подготвени да слушнеме, да разбереме и да помогнеме.
Менталното здравје ќе го зачуваме со секојдневните наши мали навики, со некое хоби, со грижа за нашето тело и со прифаќање на сопствените емоции. Да бидеме физички активни, да шетаме, вежбаме, да спиеме доволно и да ги негуваме контактите со луѓето во кои имаме доверба.

ИЗДВОЕНИ