Општина Кавадарци ги информира сите земјоделци, производители на храна и локални производи дека е објавен јавен повик за учество на Биопазарот, кој се наоѓа на булеварот „Никола Минчев“ во Кавадарци. Ќе бидат доделени вкупно 15 продажни места за традиционални и органски производи.
Право на учество имаат физички и правни лица што ги исполнуваат пропишаните услови и произведуваат или продаваат свежи овошје и зеленчук, мед, традиционални прехранбени производи, вино, ракија, органски производи и други земјоделски и прехранбени производи. Користењето на продажните места во првите 12 месеци од официјалното отворање е без надоместок. Корисниците ќе треба да ги намират само реалните режиски трошоци (струја, вода и чистење) пропорционално на површината.
Пријавите се поднесуваат најдоцна до 4.11.2026 година, до 16:00 часот, лично во Општина Кавадарци, преку пошта или електронски, на назначените мејл-адреси на општинските службеници.
– Да ги поддржиме нашите земјоделци и локални производители и заеднички да придонесеме за развој на земјоделството во Тиквешкиот Регион – потенцираат од Општина Кавадарци.












