Во пресрет на креирањето на буџетот за 2027 година, Општина Кисела Вода организира јавни средби за партиципативно „буџетирање“ со граѓаните. Овој процес се спроведува во соработка со „Фајненс тинк“, со цел секој жител директно да се вклучи и да придонесе во одредувањето на приоритетите за следниот општински буџет.
Под мотото „Предложи, дискутирај, приоритизирај“, присутните ќе имаат можност да ги посочат најважните потреби за својата населба и заеднички да помогнат во дефинирањето на буџетските решенија.
Средбите ќе се одржат на две локации, при што првата е закажана за денес, во периодот од 17:30 до 19:00 часот, во Домот на културата во Драчево. Втората средба ќе се реализира в среда, од 17:00 до 18:30 часот, во Домот на културата „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода.
– Доколку граѓаните не се во можност лично да присуствуваат на овие настани, отворена е можноста да ги испратат своите предлози електронски, преку линкот https://tinyurl.com/PrijaviProblem – информираат од Општина Кисела Вода.
Овој процес се реализира во рамките на проектот „Граѓански надзор: премостување на јазот помеѓу политичките ветувања и остварувања во четири развојни области“, поддржан од Владата на Швајцарија, преку „Цивика мобилитас“.












