четврток, септември 17, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА НОВИ ДЕТАЛИ ОД СВЕДОЧЕЊЕТО ЗА КОНТРОЛИТЕ ВО „ПУЛС“: „Хаос е, не се...

НОВИ ДЕТАЛИ ОД СВЕДОЧЕЊЕТО ЗА КОНТРОЛИТЕ ВО „ПУЛС“: „Хаос е, не се поминува“ – полицијата не можела да стигне до дискотеката

0
Инспекторка, на судењето за 9 полициски службеници, сведочеше дека во повеќе наврати во 2022 и 2023 година имало контроли во „Пулс“. При една од контролите, од Јованов била побарана лиценцата за работа, но тој не ја дал на увид, туку рекол дека ќе ја донесе подоцна. Сето тоа било внесено во извештајот од контролата

На судењето за полицајците опфатени во друг случај поврзан со „Пулс“, сведочеше самостојната инспекторка при Регионалниот центар за гранични работи Исток – Делчево, Деспина Симеонова, која пред судот зборуваше за контролите што биле вршени во кочанското кабаре во 2022 и 2023 година.

Нејзиното сведочење ги запозна присутните во судницата  за тоа како изгледале контролите, што било побарано од сопственикот Дејан Јованов и каква била состојбата со пристапот до објектот.

Симеонова, која работи во МВР од 2001 година, рече дека, како инспектор за странци во тој период, учествувала во повеќе контроли во угостителски објекти во Кочани. Контролите во „Пулс“, како што посочи, биле спроведувани повеќепати, секогаш во рамките на нејзината надлежност, а по секоја контрола бил составуван извештај.

Контролите се одвивале во ноќните часови – првично од 22 до 3 часот, а подоцна од 23 до 4 часот.

Пред судот, особено внимание предизвика нејзиниот исказ за една од контролите кога од сопственикот била побарана лиценцата за работа на објектот.

Симеонова рече дека лиценцата била побарана во нејзино присуство од колегата Златко Кузмановски, кој бил одговорен за акцискиот план. Јованов, според нејзиниот исказ, не ја покажал лиценцата ниту ја дал на увид.

Објаснувањето било дека било доцна да го бара книговодителот бидејќи тој не бил во дискотеката, и дека лиценцата ќе ја донесе во понеделник.

Во исто време, Јованов тврдел дека документите за обновување на лиценцата ги поднел во Скопје околу 15 дена претходно и дека лиценцата во тој момент важела до 31 март 2023 година.

Симеонова посочи пред судот дека ова било внесено во извештајот од контролата.

На прашањето на Обвинителството за пристапот до објектот и состојбата со паркираните возила, инспекторката опиша сообраќајно непочитување

– Хаос е, со еден збор – не се поминува. Паркингот што се користи од хотелот во близина е преполн, а на улицата пред дискотеката не може да се помине од паркирани возила, сведочеше Симеонова.

Таа објасни дека при самостојните контроли, инспекторите за странци постапувале во рамките на своите надлежности, додека при оперативни планови, во акциите учествувале и други служби – полицијата, Пазарната инспекција, инспектори од труд и социјала и други институции зависно од планот.

По завршувањето на акцијата, одговорното лице требало да состави извештај и да го достави до дежурната служба, односно до Полициската станица во Кочани, од каде што, по хиерархија, требало да биде проследен до СВР Штип.

Судењето против полициските службеници продолжува со изведување на доказите на Обвинителството.

Во предметот се обвинети девет полициски службеници, а обвинението се однесува на нивното постапување во врска со безбедноста на објектот и трагичниот пожар во кој на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Сведочењето на инспекторката доаѓа во период кога во одделниот главен предмет против Дејан Јованов и останатите обвинети се води доказна постапка. Таму, пак, актуелно е прашањето за притворот на Јованов, кој според одбраната, истекува на 3 октомври, по што е најавено предлагање гаранција со имот. (П. А.)

„ЕДНА И ПОЛ ГОДИНА БЕЗ НИВ – ПРАВДА ЗА 63 ЖРТВИ“

Со порака дека болката не поминува, а одговорноста мора да биде утврдена, во средата, семејствата на загинатите во пожарот во „Пулс“ одржаа марш во Кочани. Тие побараа судските постапки да продолжат без одолговлекување и сите што имаат одговорност да одговараат пред судот. На маршот, повторно беше упатена порака дека 63 жртви не смеат да бидат заборавени. Семејствата порачаа дека ќе продолжат да бараат правда и безбедност, за да никогаш не се повтори трагедијата. Маршот се одржа по повод една и пол година од пожарот во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

 

ИЗДВОЕНИ