Жителите на Радишани од вчера изутрината биле принудени да го чекаат автобусот со број „57“ на автобусите постојки, иако тој не сообраќал до Радишани. Тие цел ден биле отсечени од центарот бидејќи немале јавен превоз.
Според жители на оваа населба, паднал кабел и поради тоа автобусите не можеле да продолжат по трасата по која вообичаено сообраќајот.
– Непотребно чекавме да дојде автобус. Да не дојдеше една жена да ни каже дека нема да дојде автобус, ние уште ќе чекавме. Оттука е тешко да се фати такси, а за да се качиш на истиот автобус со број „57“, треба да пешачиш осум станици – реагира жителка на Радишани.
Откако им кажала жената, дел од луѓето се упатиле пеш за да одат подолу, каде што поминува автобусот со број „57“, но дел, кои биле повозрасни, бидејќи требало подолго да пешачат, се откажале.
Таа се пожали дека немало никакво известување од ЈСП „Скопје“ за проблемот, ниту била посочена автобуска станица каде што може да се чека автобусот.
Од ЈСП рекоа дека од вчера веќе почнале да сообраќаат автобуси и оти бил отстранет проблемот со паднатиот кабел.
– Точно е дека не сообраќаше автобусот со број „57“ во Радишани, поради паднат кабел. Првобитно реагиравме до ЕВН, но оттаму ни беше кажано дека бил на „Телеком“. Додека да се отстрани проблемот, вршевме превоз со друго возило, со број „47“, од последната станица на автобусот со број „57“ до местото каде што беше кабелот, а потоа се продолжуваше со автобусот со број „57“ – објасни Тони Богдановски, раководител на Диспечерскиот центар на ЈСП.
(А.П.)












