– Поезијата е начин да ја разбереме сопствената човечност, јазикот не смее да биде средство за моќ, туку покана за дијалог, а во времето на брзина и манипулации, ни остануваат зборот и надежта, вели Луис Гарсија Монтеро, еден од најзначајните современи шпански поети со кого во интервјуто за весникот ВЕЧЕР, по повод неговото гостување на годинашните Струшки вечери на поезијата, разговаравме за моќта на јазикот, улогата на книжевноста во дигиталната ера и за вербата дека поезијата сè уште може да ги поврзува луѓето таму каде што политиката создава поделби…

 

Поетот, литературен критичар, универзитетски професор и директор на Институтот „Сервантес“ од 2018 година, академик Луис Гарсија Монтеро, е една од највлијателните личности во современата шпанска култура. Како што вели за весникот ВЕЧЕР, сака да верува дека поезијата е поврзана со таа интимна внатрешна сила што ја поттикнува солидарноста и нѐ спасува од омразата. Со него разговаравме при неговиот краток престој во Скопје, каде што, како што вели, имал можност да ја посети Старата скопска чаршија, а она што го одушевило е мешањето на различните култури и соживотот во нашиот град. Како директор на Институтот „Сервантес“ посочи и дека повторно би се вратил во Скопје каде што би сакал да биде отворен и еден центар на овој Институт. За Струшките вечери на поезијата, пак, вели дека тие за него претставуваат симбол на дијалогот меѓу културите и доказ дека поезијата може да ги надмине јазичните и националните граници, создавајќи простор за заемно разбирање и духовна блискост.

Годинава бевте дел од Струшките вечери на поезијата, фестивал со меѓународно реноме, кој низ својата 65-годишна историја угостил бројни светски поетски имиња. Што значеше за Вас да бидете дел од таа традиција и како ја доживувате улогата на ваквите фестивали денес?

Струшките вечери на поезијата се дел од мојата емотивна меморија. Мојот учител Рафаел Алберти, кому му ја посветив докторската дисертација и кого го запознав по неговото враќање од егзил во Шпанија во 1977 година, беше награден на Струшките вечери на поезијата речиси во истиот период. Имиња како Пабло Неруда и многу други големи поети се нераскинливо поврзани со спомените за Струга и нејзиниот Парк на поезијата. Посебна емоција е да се чита поезија и да се брани мултикултурноста, како и богатството на различните поетски традиции, преку зборови изговорени на различни јазици.

Кога поетот се среќава со публика од различна јазична и културна средина, што сметате дека е најважно да се пренесе – стихот, емоцијата или човечкото искуство што стои зад поезијата?

Сакам поезија која поаѓа од конкретни реалности, од одредено општество и лично искуство, за да стигне до потрагата по човечката суштина, она што го дефинира човекот во љубовта и стравот, радоста и тагата. Зборовите се важни, но тие се обликуваат и се обработуваат за да се допре до самата срцевина на човечкиот живот. Убавината на поезијата е во тоа што таа мора да навлезе во нашиот живот за да ни проговори од најинтимните и најдлабоките места во нас. Затоа, покрај стихот и емоцијата, најважно е да се пренесе човечкото искуство што нè поврзува сите, без оглед на јазикот или културата на кои им припаѓаме.

Во време исполнето со брзи информации и сѐ пократко внимание, што може поезијата да му понуди на современиот човек што не може да го добие од другите форми на комуникација?

Поезијата нѐ учи да размислуваме за тоа што сме, да размислиме за она што го кажуваме, пред да го изговориме она што го мислиме. Таа нѐ поттикнува да бидеме господари на сопствената свест и да не бидеме понесени од вителот на манипулациите. Верувам во културата, во хуманистичките науки и во образованието, а поезијата за мене се наоѓа во самата срцевина на тој напор човекот да остане свесен за себеси и да биде господар на сопствената мисла и совест.

Дали верувате дека поезијата има моќ да создава мостови таму каде што политиката и јавниот дискурс создаваат поделби и кои се, според Вас, предизвиците на нашето време што најсилно ги чувствувате како поет и како граѓанин?

Поезијата може да нѐ повика да го почитуваме тоа што сме, да се чувствуваме како човечки суштества, луѓе кои се вљубуваат, кои се соочуваат со минливоста на времето, со радоста на раѓањето и со болката на смртта. Разбирањето на обврската за почитување на човечкото достоинство е неопходно за одбраната на човековите права. Токму оваа човечка димензија е незаменлива кога се гради заедница и кога на политиката и договорите им се дава вистинска човечка смисла. Сакам да верувам дека поезијата е поврзана со таа интимна внатрешна сила што ја поттикнува солидарноста и нѐ спасува од омразата.

Секоја земја има своја книжевна и културна меморија. Што би сакале да откриете за Македонија и дали постои нешто од македонската литература или историја што веќе Ви го привлекло вниманието?

Прочитав антологија на македонски поети која ми го привлече вниманието. Таа беше објавена во Франција во 70-тите години од Жак Гошерон, Гилевик и Лиси Албертини. Не сум познавач на македонската литература, но мојата љубопитност како читател ме доведе до автори како Ристо Лазаров, Блаже Конески, како и до поети од помладата генерација, како Лидија Димковска и Никола Маџиров. Она што секогаш сум го негувал е емотивната и духовна вредност на поетската средба во Струга, место каде што поезијата од целиот свет добива општествено и културно признание. Особено бев среќен кога главните награди на фестивалот им беа доделени на поети како Шпанецот Хусто Хорхе Падрон и кубанската поетеса Нанси Морехон. Струшките вечери на поезијата за мене претставуваат симбол на дијалогот меѓу културите и доказ дека поезијата може да ги надмине јазичните и националните граници, создавајќи простор за заемно разбирање и духовна блискост.

Вие сте и долгогодишен директор на Институтот „Сервантес“ во Мадрид. Денес шпанскиот е еден од највлијателните светски јазици. Кои се најголемите предизвици во неговата промоција во ерата на дигиталната комуникација и глобализацијата?

Шпанскиот е еден од големите светски јазици, со повеќе од 600 милиони говорители. Институтот „Сервантес“ е посветен на ширењето на шпанскиот јазик во културата, науката и технологијата, но без да подлегне на каков било облик на империјализам и со длабока почит кон малцинските јазици што се зборуваат во Шпанија, Европа, Латинска Америка и во другите делови на светот.

Почитувањето на мајчиниот јазик е еден од најголемите знаци на почит кон човекот. Токму затоа е важно комуникацијата и напредокот да овозможуваат пошироко разбирање меѓу луѓето, без притоа да се загуби почитта кон посебните вредности и идентитети на секоја заедница. Јазикот не смее да се претвори во средство за манипулација или моќ. Напротив, тој треба да биде мултикултурна покана за дијалог, разбирање и зближување меѓу различните народи и култури.

Кои современи шпански автори, според Вас, заслужуваат поголемо внимание кај читателите надвор од шпанското говорно подрачје?

Сметам дека денес постои извонредна проза и поезија, како и силна креативност на шпански јазик, која се развива и во Шпанија и во Латинска Америка. Меѓу шпанските, мексиканските, аргентинските и чилеанските автори има многу писатели со висок книжевен квалитет, кои го наследиле големото творечко наследство на Габриел Гарсија Маркес, Пабло Неруда, Федерико Гарсија Лорка и Марио Варгас Љоса. Особено силен и впечатлив е придонесот на жените во современата книжевност на шпански јазик. Нивните дела внесуваат нови теми, перспективи и книжевни пристапи што значително ја збогатуваат денешната литература. Во Институтот „Сервантес“ и во нашите библиотеки се трудиме да понудиме внимателно избран преглед на оваа исклучително богата и разновидна книжевна сцена, претставувајќи автори со различни стилови, генерации и поетики, за да можат читателите да ја откријат целата широчина на современото творештво на шпански јазик.

Постојат 88 центри на Институтот „Сервантес“ низ целиот свет, лоцирани во 64 земји. Освен отворањето центри, културната дипломатија денес се развива и преку преводи, книжевни размени и заеднички проекти. Каде гледате најголем потенцијал за соработка меѓу шпанската и македонската културна сцена?

Покрај нашите центри, соработуваме и со бројни универзитети за да ја поддржиме наставата по шпански јазик. Важно ни е да зборуваме и за неговото културно, економско и професионално значење, со цел да се поттикне изучувањето на шпанскиот јазик во основните и во средните училишта. Сметам дека изучувањето на јазикот меѓу младите е исклучително плодна основа за стекнување знаење и за меѓусебно разбирање. Потоа следуваат универзитетите, научните и критичките истражувања, како и културните размени, кои дополнително ги продлабочуваат врските меѓу различните општества. Верувам дека програмите за превод имаат особено важно значење. Тие овозможуваат книжевноста, идеите и културните искуства да патуваат надвор од јазичните граници и да допрат до нова публика. Токму преку образованието, преводите и културната размена го гледам најголемиот потенцијал за соработка меѓу шпанската и македонската културна сцена.

Сметате ли дека книжевноста сè уште може да биде двигател на општествени промени и дали во денешниот свет е потешко или полесно да се биде поет отколку во времето кога Вие почнувавте да пишувате? Што е најважната лекција што би им ја пренеле на младите автори?

Верувам дека општествените промени ќе бидат предводени од демократска политика која ќе ги обедини слободата, еднаквоста и братството. Слободата не смее да се претвори во право на посилниот, туку треба да биде свест за заедницата и одговорност кон другите. Во таа смисла, ги ценам политичарите кои поседуваат хуманистичка димензија и кои во своето срце имаат место за поезијата. Литературата сама по себе не ги менува општествата, но може да придонесе за обликување на свеста, вредностите и човечноста што се неопходни за секоја вистинска промена. На младите поети би им порачал да размислуваат за сè што може да се содржи во зборовите. Не е исто да се зборува за слободата како можност да го правиш она што го сакаш затоа што си посилен од другите, и да се зборува за слободата како почитување на правото на другиот да има свои желби, убедувања и мислења. Да се размислува за зборовите денес значи и да се спротивставиме на динамиката на социјалните мрежи, кои често се потпираат на брзината и на дезинформациите. Мора да си обезбедиме време за размислување, за да бидеме вистински господари на сопствената свест, слободно и со внатрешна промисленост.

Ни остануваат зборот и надежта…

Што за Вас, всушност, претставува поезијата: засолниште, отпор, љубов или начин на разбирање на светот, и ако требаше со еден стих да го опишете времето во кое живееме, каков би бил тој?

Поезијата за мене е форма на лично спознавање. Што кажувам кога велам „јас сум јас“? Тоа лично спознание потоа се претвора во комуникација со другите. Што чувствуваме ние? Разбирањето на светот е истовремено и форма на љубов и форма на отпор. Ако треба сегашното време да го опишам со еден стих, би рекол: „Ни остануваат зборот и надежта.“

Даниела ТРАЈКОВСКА           

Фото: Ѕ.Плавевски

ИЗДВОЕНИ