Скопските општини се подготвуваат, најдобро што можат, да им овозможат на своите жители да ја почувствуваат новогодишната магија. Секоја со различни украси, светилки, елки… ќе придонесе за тоа да им се доближи празничната атмосфера на граѓаните. Општина Центар ќе го накити плоштатчето „Јадран“ со поставување новогодишна елка, осветлена со ЛЕД-светилки и накитена со светлосни фигури, а скверот ќе го красат и светлосни мрежи. Јавниот повик за новогодишно украсување на Општина Гази Баба е во тек, а нема информации ниту од Општина Ѓорче Петров за тоа кои локации ќе блеснат новогодишно. Во Општина Чаир ќе бидат украсени: административната зграда на Општина Чаир, плоштадот „Скендербег“, како и Старата скопска чаршија, на потегот од плоштадот „Скендербег“ до Мурат-пашината џамија

 

Скопските општини се подготвуваат, најубаво што можат, да им овозможат на своите жители да ја почувствуваат новогодишната магија. Секоја со различни украси, светилки, елки… ќе придонесе за тоа да им се доближи празничната атмосфера на граѓаните.

Општина Центар ќе го накити плоштатчето „Јадран“ со поставување новогодишна елка, осветлена со ЛЕД-светилки и накитена со светлосни фигури, а скверот ќе го красат и светлосни мрежи.

Ќе бидат украсени и улиците: „Ѓорѓи Пешков“ – од „Ганза“ кон улицата „Орце Николов“ („Боемска 1“), како и „Боемска 2“.

Улицата „Орце Николов“ ќе има ѕвездено небо, кое ќе се протега од улицата „Рузвелтова“ до булеварот „ Климент Охридски“. На сите дрвја долж плоштатчето пред Општина Центар ќе биде поставена мрежа со светилки, ќе има и ЛЕД- светилки, а на самото плоштатче ќе има и светлосна мрежа со ЛЕД-светилки и со трепкачи, а ќе има и светлосни фигури.

Портал со алуминиумска конструкција ќе има на улицата „Народен фронт“, која ќе ја красат и светлосни фигури во вид на топка.  

Малото плоштатче во Капиштец ќе биде накитено со мрежа со светилки, но и со светлосна фигура. Дрвјата во паркот „Капиштец“ ќе бидат накитени со светлосни мрежи, ЛЕД- светилки, а ќе има и светлосни фигури.

Елка ќе биде поставена на кружниот тек на улицата „Антоние Грубишиќ“ со „Пиринска“ и улицата „Наум Наумовски-Борче“. Освен тоа, предвидени се и светлосни фигури во вид на цвет, мрежа со светилки, а ќе биде осветлена и оградата на кружниот тек. 

Новогодишна елка ќе има и на плочникот кај „Агромеханика“, која ќе биде висока девет метри. Таа ќе биде накитена со ЛЕД-светилки и со светлосни фигури. Светлосни фигури ќе бидат поставени и на бандерите.

Улицата „Ленинова“ новогодишно ќе блесне на потегот од улицата „Митрополит Теодосиј Гологанов“ до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Таму, исто така, ќе биде поставена новогодишна елка, осветлена со ЛЕД- светилки, бели блицови и со светлосни фигури, која, исто така, ќе биде висока девет метри. На оваа улица, на наведениот потег, ќе биде поставено и ѕвездено небо.

– Што се однесува до пречекот на Новата година, како и во изминатите години, ќе биде организиран со настапи на македонски изведувачи – нагласуваат од Општина Центар, додавајќи дека дополнително ќе бидат објавени програмата и имињата.  

Во Општината Гази Баба, во тек е постапка за избор на економски оператор што ќе изврши новогодишно украсување на Општината, на повеќе локации. Оттаму информираат дека нема да организираат пречек на Новата година, но ќе организираат музички настан кон крајот на годината, наменет за најмладите, на кој ќе бидат поделени новогодишни пакетчиња за секое дете.

За тоа кои локации на територијата на Општина Ѓорче Петров ќе бидат новогодишно украсени, сè уште нема информации, бидејќи, како што рекоа општинските власти, не е објавен тендер за таа намена.

Општина Чаир, пак, спровела постапка за јавна набавка за новогодишното украсување, меѓутоа со оглед на тоа што во предвидениот рок не била поднесена ниту една понуда, постапката била поништена.

– По ова, Општина Чаир повторно објави постапка за јавна набавка. По спроведувањето на постапката и изборот на најповолна понуда, ќе бидат познати податоците за избраниот економски оператор, како и вкупните финансиски средства што ќе бидат издвоени за реализација на новогодишното украсување – истакнаа општинските власти.

Инаку, од локалната самоуправа велат дека е предвидено новогодишно украсување на административната зграда на Општина Чаир, плоштадот „Скендербег“, како и на Старата скопска чаршија, на потегот од плоштадот „Скендербег“ до Мурат-пашината џамија.

(А. П.)

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ