петок, ноември 27, 2026
Дома СКОПСКА Вработени во ЈСП фатени при кражба на нафта од гаражите во Ѓорче...

Вработени во ЈСП фатени при кражба на нафта од гаражите во Ѓорче Петров

1

Внатрешната контрола на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ затекла вработени како крадат значително количество нафта од гаражите на претпријатието во Ѓорче Петров.

Случајот го обелодени скопскиот градоначалник, кој на „Фејсбук“ објави дека веднаш била повикана полицијата.

Притоа наведе дека вработените ќе бидат отстранети од работа, а очекува Обвинителството да отвори постапка и секој за кого ќе се утврди одговорност, да одговара пред законот.

– Почитувани скопјани, токму за ова зборувам кога велам дека градот со години бил системски уништуван. Секој литар нафта во тие гаражи е платен со ваши пари за автобусите на ЈСП да ве однесат на работа, на училиште и дома. Моја обврска е да го чувам секој ваш денар. Кој и да посегне по него, ќе биде санкциониран. Без исклучок. Само со удар во чело можеме да се избориме против корумпираните кои го уништуваат нашето и ваше Скопје – изјави Ѓорѓиевски

Во врска со случајот со кражбата на нафта од гаражите на ЈСП во Ѓорче Петров, од страна на нивни вработени, од претпријатието информираaт дека по наодите на внатрешната контрола била веднаш повикана полицијата.

– Утврдувањето на фактите и преземањето мерки во рамките на полициското и евентуалното кривично постапување се во надлежност на МВР и Јавното обвинителство – велат од ЈСП.

За детали за случајот и за преземените мерки, од ЈСП упатија на надлежните органи, нагласувајќи дека претпријатието ќе им ги стави на располагање сите информации и документација со кои располага.

Што се однесува до прашањата од работен однос, од ЈСП велат дека ќе постапат согласно со законот и интерните акти на претпријатието.

Директорот на ЈСП, Сашо Илиевски, за весникот ВЕЧЕР информираше дека при кражбата на нафтата, на самото место биле затечени две лица, а понатаму ќе се испитува дали биле инволвирани и други. Тој додаде дека ќе се проверува дали и освен нафта недостасуваат и други делови за автобуси од гаражите.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека на 26.11.2026, во 22:20 часот, во СВР Скопје, од ЈСП било пријавено дека во ЈСП-База Ѓорче Петров, двајца вработени извршиле кражба на нафта од пумпата за точење на нафта на автобусите во кругот на претпријатието.

– По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок – одговорија од МВР.

Од Јавното обвинителство велат дека ќе постапат веднаш штом пријавата ќе пристигне до нив.

 (А. П.)

ИЗДВОЕНИ