Министерството за екологија продолжува со реализација на крупни инфраструктурни проекти кои треба да ја трансформираат еколошката слика на државата. Во прв план се регионалните центри за отпад и изградбата на модерни пречистителни станици. Истовремено се засилуваат мерките против аерозагадувањето преку нов закон и зголемени инспекциски надзори. Целта е долгорочно, системско решавање на еколошките проблеми и приближување кон европските стандарди

Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, даде пресек на досегашните активности во ресорот, нагласувајќи дека институционалниот континуитет и почнатите реформи се основа на тековните политики и дека нема застој во нивната реализација.
– Постои институционален континуитет во овие политики. Иако сум шест месеци на чело на ресорот, процесите и реформите почнати од претходното раководство продолжуваат – изјави Хоџа, посочувајќи дека во изминатиот период се обезбедени средства и е започната реализација на преку 300 инфраструктурни проекти од различен обем, кои опфаќаат водоводно-канализациски системи и пречистителни станици.
Тој истакна дека е воспоставен процес за регионално управување со отпад, кој го оцени како најголема системска реформа во оваа област, при што веќе е обезбедена и испорачана опрема за општините, вклучително механизација и комунална инфраструктура.
– Во завршна фаза се тендерските постапки за регионалните центри во Русино и Новаци, додека за Свети Николе постапката е при крај. Паралелно, се подготвува документација за станици за трансфер низ општините – рече министерот, додавајќи дека системот ќе овозможи долгорочно решение за дивите депонии и современо управување со отпадот.
Во делот на борбата со аерозагадувањето, Хоџа посочи дека е донесен нов Закон за контрола на индустриски емисии, со кој се воведуваат построги стандарди и поголема одговорност за индустрискиот сектор, а чија примена започнува во септември 2027 година.
– Паралелно работиме на создавање услови за негова ефикасна имплементација – нагласи тој, додавајќи дека се засилени инспекциските контроли и дека се инвестира во замена на нееколошките системи за греење во јавните објекти.
Министерот информираше и дека е зголемена транспарентноста на институцијата преку редовни брифинзи со медиумите и објавување податоци од јавен интерес, при што е започната и изработка на дигитален регистар за индустриски емисии.
Тој посочи дека се работи и на усогласување со европското законодавство, вклучувајќи го Законот за климатска акција и други законски измени во областа на заштитата на природните ресурси. Во однос на искористеноста на отпадот за циркуларна економија и производство на енергија, министерот истакна дека приоритет останува изградбата на регионални центри за собирање и третман на отпад, како и развој на транзитни станици.
– За Новаци и Русино сме во подготовка, постапката се спроведува со Европската банка за обнова и развој и очекуваме наесен да ги објавиме тендерите. Третиот регионален центар во Свети Николе ќе се реализира со европски фондови – изјави тој, додавајќи дека во Пелагонискиот Регион се предвидени и пет транзитни центри кои се во фаза на подготовка.
Во однос на пречистителната станица во Тетово, Хоџа информираше дека сите тендерски процедури за се завршени и дека следува фаза на проектирање и теренска реализација.
– Проектот вреди околу 30 милиони евра и ќе се работи паралелно во повеќе градови, меѓу кои Тетово, Битола, Скопје, Штип и Велес. Целта е повеќе од 75 проценти од државата да биде покриена со пречистителни системи – нагласи тој, додавајќи дека се очекува Тетово да добие функционална пречистителна станица во рок од две години.
За постапката за обновување на дозволата за индустрискиот капацитет „Титан-Усје“, министерот истакна дека процесот се одвива транспарентно, дека јавната расправа е веќе одржана и дека процедурите продолжуваат согласно со законските рокови.
– Новата дозвола ќе биде усогласена со новите стандарди од Законот за индустриски емисии кој стапува во сила во 2027 година, а јавноста ќе биде информирана за сите фази – додаде тој.
Министерството најавува дека во наредниот период фокусот останува на регионалниот систем за управување со отпад, мерките за намалување на аерозагадувањето и реализацијата на крупните инфраструктурни проекти, меѓу кои и скопската пречистителна станица, за која се обезбедени дополнителни средства со ребаланс на буџетот.
(С. Бл.)












