Индија денес ги зголеми цените на горивата на бензинските пумпи за првпат по војната меѓу САД и Израел и Иран, со цел да ги ублажи загубите предизвикани од глобалниот пораст на цените на нафтата.
Цените на горивата се зголемија за три рупии по литар, или 0,027 евра, па така литар бензин во Њу Делхи сега чини 97,77 рупии (0,88 евра), а литар дизел чини 90,67 рупии (0,81 евра).
Индија увезува околу 90 проценти од своите потреби за нафта и е силно погодена од зголемувањето на цените на енергијата и прекините во снабдувањето поврзани со војната со Иран и затворањето на Ормускиот теснец.
Земјата со 1,4 милијарди луѓе досега се воздржа од зголемување на цените на горивата на бензинските пумпи и покрај зголемените трошоци за енергија. Со денешното зголемување, Индија стана една од последните големи економии што го префрли товарот од повисоките цени на суровата нафта врз потрошувачите.
Само еден ден претходно, индискиот премиер Нарендра Моди ги повика своите сонародници да спроведат доброволни мерки за штедење – да работат од дома секогаш кога е можно, да ги намалат патувањата во странство и да ги намалат купувањата на злато.
Моди го нарече штедењето гориво и девизи чин на „патриотизам“ и повика на поголема употреба на јавен превоз, такси и помалку користење ѓубрива.
Опозицијата истакна дека Моди го дал повикот дури откако завршил клучен круг државни избори и дека цените на горивата не биле променети за време на кампањата.
Порано оваа недела, Индија ги зголеми увозните давачки за сребро и злато за 15 проценти за да ја ограничи побарувачката за увоз што ги исцрпува девизните резерви на земјата.
Рупијата падна на рекордно ниско ниво во последните недели, бидејќи повисоките цени на горивата вршат притисок врз увозот и девизните резерви, пренесе „Бета“.












