Мексико се подготвува за организација на Светското првенство во фудбал, но безбедносната ситуација во земјата станува сериозна причина за загриженост. По ликвидацијата на озлогласениот наркобос, Немесио Осегера Сервантес, водачот на картелот Халиско, насилството ескалираше во повеќе мексикански држави.

Картелите одговорија со блокади на патишта, вооружени пресметки, палење возила и грабежи, а експертите предупредуваат дека ситуацијата може сериозно да влијае врз организацијата на Мундијалот.

Иако претседателката Клаудија Шајнбаум уверува дека властите работат на гарантирање безбедност за навивачите и репрезентациите, бројките и настаните на теренот будат страв.

Во моментов, околу 120.000 луѓе во Мексико се водат како исчезнати, а само во државата Халиско исчезнале преку 16.000 лица.

Особено загрижува ситуацијата во Гвадалахара, каде што ќе се играат натпревари од Светското првенство. Според извештаи на германскиот „АРД“, во близина на стадионот „Акрон“ биле пронајдени стотици вреќи со човечки остатоци.

Дополнителен шок предизвикаа и нападите во државата Гереро, каде што криминални групи користеле беспилотни летала со експлозиви против локалното население, поради што стотици семејства биле принудени да ги напуштат своите домови.

Натпреварите на Мундијалот ќе се играат и во Мексико Сити, на легендарниот стадион „Ацтека“, каде што, во минатото, титули освојуваа Пеле и Диего Марадона.

Сепак, стравот од насилство веќе влијае врз интересот на туристите. Хотелските резервации и продажбата на авионски билети се далеку под очекуваното ниво, иако мексиканските власти се надеваат на повеќе од 5,5 милиони посетители за време на Светското првенство.

ИЗДВОЕНИ