недела, ноември 15, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Мемов: Пензиите повисоки за 7.000 денари, стабилен Фонд и дигитални услуги за...

Мемов: Пензиите повисоки за 7.000 денари, стабилен Фонд и дигитални услуги за пензионерите

18

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, преку своите функционери, продолжува со отчетот за двегодишната работа во институциите. Во рамките на оваа серија, директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, Никола Мемов, ги презентираше резултатите од работењето на Фондот во изминатите две години, со посебен акцент на зголемувањето на пензиите, финансиската стабилност и одржливоста на пензискиот систем, модернизацијата и меѓународната соработка.

Мемов истакна дека преземањето на одговорноста во 2024 година било мотивирано од определбата програмските заложби на ЗНАМ да се преточат во конкретни политики и резултати, а не од функциите и привилегиите што ги носи учеството во извршната власт.

Зголемувањето на пензиите и подобрувањето на животниот стандард на пензионерите остануваат еден од клучните приоритети на социјалната политика на Владата.

„Еден од најважните приоритети на Движењето ЗНАМ е изградбата на социјално праведна и одговорна држава.

Тоа не смее да остане само политичка декларација.

Мора да се препознае во конкретните мерки што го подобруваат животот на граѓаните.

Токму таков пример е зголемувањето на пензиите.

Во периодот од септември 2024 до март 2026 година, пензиите кумулативно се зголемија за 7.000 денари месечно по пензионер, преку линеарниот пристап на зголемување, а дополнително следуваше и зголемување од 3 проценти во септември 2026 година, според пропорционален модел.

Оваа мерка претставува значајна поддршка за пензионерите и одраз на определбата за подобрување на нивниот животен стандард.

Нашиот пристап е дека пензионерите не смеат да бидат оставени на маргините на општеството.

Тие се генерацијата која со својот труд, знаење и искуство ја градела оваа држава и заслужуваат достоинствен живот.

За ЗНАМ, социјалната правда не значи само зборови, туку конкретна политика и преземена одговорност.

Истовремено, наша обврска како институција е пензиите да се исплаќаат редовно и навремено. Тоа е прашање на доверба во државата и сигурност за секој пензионер.“

Покрај зголемувањето на пензиите, важен приоритет е обезбедувањето финансиски стабилен и долгорочно одржлив пензиски систем.

„Одговорната социјална политика не завршува со зголемувањето на пензиите.

Таа подразбира и грижа за тоа дали пензискиот систем ќе може да ги исполнува своите обврски денес, утре и во наредните децении.

Затоа, во изминатиот период посветивме особено внимание на финансиското работење на Фондот, следењето на приходите и расходите, наплатата на придонесите и анализата на долгорочната одржливост на системот.

Финансиските резултати за 2025 и 2026 година покажаа дека Фондот ги извршувал своите обврски навремено и во целост, согласно планираните параметри.

Паралелно, работевме на подобрување на ефикасноста во решавањето на предметите и унапредување на внатрешните процеси.

Свесни сме дека македонскиот пензиски систем се соочува со сериозни демографски и финансиски предизвици.

Стареењето на населението, односот меѓу бројот на осигуреници и пензионери, како и структурата на приходите и расходите, бараат сериозен и одговорен пристап.

Затоа започнавме и поширока стручна дебата за иднината на пензискиот систем, за неговата правичност и за потребата од подобро поврзување на висината на пензијата со реално уплатените придонеси, притоа зачувувајќи ја социјалната и солидарната функција на државата.

Нашиот став е дека реформите мора да бидат одржливи, аргументирани и правични, без загрозување на стекнатите права на сегашните пензионери.

Ова е разликата меѓу краткорочно политичко размислување и одговорно управување со една од најзначајните државни институции.“

Во делот на институционалната модернизација, Мемов посочи дека во изминатиот период се реализирани активности за дигитализација на архивата и унапредување на информатичките системи, со цел побрза обработка на документацијата и поефикасно обезбедување услуги за граѓаните.

Како значаен резултат го истакна и намалувањето на бројот на нерешени предмети во одредени области, вклучително и во комисиите за процена на способноста, како и подобрувањето на динамиката на решавање на предметите во законски утврдените рокови.

Мемов информираше и за активностите во областа на меѓународната соработка и унапредувањето на комуникацијата со пензиските институции во европските држави.

Потпишаните договори и протоколи за електронска размена на податоци овозможуваат побрза обработка на предметите и полесно остварување на пензиските права на граѓаните кои работниот век го поминале во повеќе држави, особено на македонските иселеници и осигурениците со пензиски стаж во странство.

Во завршницата на отчетот, Мемов нагласи дека политичката одговорност на функционерите на ЗНАМ не завршува со добивањето на функцијата, туку токму тогаш започнува.

Тој потенцираше дека определбата на ЗНАМ за социјално одговорна држава, функционални институции, владеење на правото, професионална администрација и европски стандарди мора да се потврдува преку конкретна работа и мерливи резултати.

„Не тврдиме дека сите проблеми се решени. Свесни сме дека пред нас има уште многу работа. Но, граѓаните имаат право да знаат што е направено, какви се резултатите и кои се следните чекори.

ЗНАМ не е политика на празни ветувања.

ЗНАМ е преземање одговорност, работа и отчет пред граѓаните.

Продолжуваме да работиме за посигурни пензии, посилен пензиски систем и институции кои постојат за граѓаните“, порача Мемов.

ИЗДВОЕНИ