Културното наследство на еден град е неговото историско паметење, сведоштво за минатото и белег на неговиот идентитет. Но, што се случува кога објектите што ја чуваат таа меморија се препуштени на забот на времето, а нивната заштита останува само на хартија? Токму ваквото прашање се наметнува при разгледувањето на информацијата за состојбата со заштитата на историските и градителски традиции во општина Гевгелија, која беше презентирана на последната седница на Советот на Општина Гевгелија, од страна на нејзиниот изработувач Славица Тасева, советник козерватор во Заводот во Струмица.
Според извршениот увид во сегашната состојба на објектите во градот Гевгелија, таа издвои десеттина загрозени објекти, а меѓу најзагрозените ги посочи објектите на Библиотекаата „Гоце Делчев“ и на Националната установа Музеј-Гевгелија.
Зградата на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија, позната и под името Беширов конак, има централна културна и историска важност за Гевгелија, но и за поширокиот регион. Зградата, која датира од периодот 1911–1912 година, првобитно служела како станбен објект, односно конак. При изведбата на нејзината реконструкција, во 2013 година, направена е грешка при реализацијата на кровната конструкција од страна на изведувачот. Затоа се појавува протекување на кровот, при што објектот е во прилично лоша состојба. Не само животно загрожувачка по вработените туку и поради опасност од опожарување. Влага продира низ кровот и се шири низ сијаличните места. Горниот спрат на Библиотеката не функционира бидејќи е претворен како депо на стари книги и ракописи, на легени и корита, стои во информацијата на Тасева.
Директорот на оваа установа, писателот Стефан Марковски, во врска со ова, во изјава за „ВЕЧЕР“ истакна:
„Освен што објектот располага со ограничени капацитети за складирање на целокупниот книжен материјал, постои и проблем со делови од покривот, заради што на најмалку две места постои и протекување при обилни врнежи. Протекување постои и во близина на ѕидовите каде минува електрична инсталација, а како мерка на претпазливост, струјата на целиот горен спрат од библиотеката, до денешен ден останува вон употреба.
Заради протекувањето на покривот, целиот спрат не се користи, што го оневозможува целосното и оптимално функционирање на библиотеката, односно вршењето на нејзината основна дејност. За среќа, прокиснувањето на вода не го оштетува постоечкиот книжен фонд на библиотеката. Од моја страна се испратени повеќе пати дописи до Музејот и Завод -Струмица, со укажување да се преземат итни мерки додека сè уште не се предизвикани уште посериозни оштетувања на објектот,
Се обидовме да се информираме за евентуалните трошоци за обезбедување на потребната проектна документација (конзерваторски проект), врз основа на која, понатаму, би можеле да се утврдат и трошоците за самата санација или реконструкција, која цениме дека од приоритетна важност е да биде квалитетно, навремено и комплетно реализирана, и тоа во обем кој би бил определен од страна на самите овластени конзерватори и градежни/конструктивни инженери.
Заштитата на ваков објект не треба да се сведе само на повремено обновување на фасадата. Потребни се и редовно одржување, стручна процена на конструкцијата, проверка на покривот, влагата, инсталациите и внатрешните простории, како и соодветни услови за чување на книжниот фонд“, вели Марковски.
Објектот пак каде што се наоѓа Националната установа Музеј – Гевгелија, е познат како Владовиот конак. Потекнува од почетокот на 20. век и претставува значаен дел од градското архитектонско наследство и сведоштво за времето кога Гевгелија се развивала како трговски и занаетчиски центар во јужниот дел на Македонија.
Гевгелија, потенцира во својата информација Тасева, е регион со најголема културна вредност за Македонија. Овој регион го чува идентитетот на Македонија. Но, стои во нејзината информација, состобата во која се наоѓа овој објект, за жал ни дава право да речеме дека во моментот како да нема Музеј во Гевгелија. Тој, едноставно речено, не функционира како што треба, и само преживува. Влагата е најголемиот проблем, кој ги уништува не само археолошките предмети, туку и самите витрини каде што тие се чуваат. Проблем претставува и кровната конструкција каде влагата протекува низ електричната инсталација на горниот спрат. Таму е вистинска депонија од вредни хартии и артефакти кои чекаат да бидат обработени. Не е потребно само заштита на објектот,туку, заклучува Тасева, потребно е општината да размислува за изградба на нова репрезентативна музејска зграда која би била достојна за еден град каков што е Гевгелија.
Побаравме мислење за ова од директорот на установата, кустос-археолог нумизматичар Саша Јованов
„Состојбата со зградата на НУ Музеј Гевгелија не е толку катастрофална како што е прикажана во информацијата на Завод и музеј Струмица. Вистина е дека кровот протекува, но само на две места кога врне дожд во невообичаено големи количини, а тоа оваа година се има случено само два пати. Баравме начин како да се спречи ова, но најдобро е да се промени целосно кровот, а за тоа е тешко да се обезбедат средства.
Во врска со капиларната влага можам да кажам дека веќе повеќе од четири години таа ја нема и кога се појавуваше беше засегната само една канцеларија на долниот кат, а витрините со артефактите никогаш не биле во опасност од таа влага која ја нема во просториите со постојаната поставка на музејот.
Депото во кое се чуваат другите артефакти кои не се изложени во Музејот се наоѓа во новиот дограден дел на музејот каде што никогаш нема влага и тие се чуваат во задоволителни услови, но голем проблем е малиот простор и распоредот на артефактите кој според стандардите треба да биде на многу поголем простор за да можат истите да бидат соодветно класифицирани“, посочи Јованов.
Кога ќе се разгледаат информацијата на Тасева и реакциите на сегашните директори на Музејот и на библиотеката „Гоце Делчев“, станува јасно дека Гевгелија има вредни архитектонски сведоштва од минатото, но и одговорност да ги зачува за идните генерации. Заштитата на културните добра не завршува со нивното прогласување за заштитени објекти – таа подразбира постојана грижа, одржување и навремена обнова. Секое натамошно одложување ја зголемува опасноста овие објекти, наместо да продолжат да сведочат за минатото, да станат симбол на негрижата кон сопствената културна меморија. (Љ. А.)












