Во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје, на 1 октомври, со почеток во 19 часот, ќе биде промовирана книгата на проф. д-р Јованка Кепеска, „Македонски идентитетски прашања“, која неодамна ја објави „Македоника литера“.
За книгата ќе зборуваат проф. д-р Наташа Котлар – Трајкова, проф. д-р Звонимир Јанкулоски и Дарко Јаневски.
Во овој труд Јованка Кепеска на македонскиот идентитет му пристапува од историски, филозофски, социолошки, културолошки и филолошки аспект. Ги предочува темелните аспекти на идентитетот на македонскиот народ, ги посочува теоретските основи, реалните историски процеси, актуелните национални и геополитички состојби и процеси и влијанија, проблемите со несоодветните термини во идентитетските определби и потребата од општествената грижа за зачувување и афирмација на идентитетските обележја на македонскиот народ. Кепеска пишува и за некои разлики кон приодите кон македонските идентитетски прашања од аспект на филологијата, историјата, етнологијата и филозофијата.
Книгата е поделена на пет поглавја: Политичкиот идентитет на македонскиот народ, Македонската култура како идентитет, Македонскиот литературен јазик како идентитет на македонскиот народ, Општествениот развој како претпоставка за македонската идентификација и Аспекти од светскиот развој поврзани со нас.
Во предговорната белешка Кепеска пишува: „На овие страници ги пренесувам сознанијата од моите теориски и практични истражувања во социјалната теорија на идентитетските прашања на народите и на македонскиот народ. Досега објавив повеќе книги со ваква проблематика, приопштив прилози на научни собири, а се огласив и во јавните гласила. Во овој специфичен историски момент од развојот на македонскиот народ и на неговата идентитетска одбрана, со претставувањето на постигнатите сознанија, оваа книга се вклучува во напорите за надминување на дилемите за мноштвото прашања и приоди во неговата идентитетска одбрана, што, со оглед на мојата животна вокација, го сметам како должност и како моја внатрешна потреба.“
„Македонскиот идентитет го осознаваме, осознавајќи се себеси, – пишува Кепеска во книгата – притоа, преку сите општествено-хуманистички, но и преку природните и техничките науки, преку сите облици на уметноста (книжевност, ликовна уметност, музика), како и преку моралот и религијата. Според науката, ги осознаваме нашата посебност како народ, нашето создавање, развојот, јазикот, народните обележја, менталитетот, моралните и духовните вредности. Идентификацијата на македонскиот народ се одвивала континуирано, од самиот период на своето формирање, во периодите кога македонскиот народ се наоѓа во преднационално раздобје, искажувајќи ја својата посебност преку народното творештво. Круме Кепески ќе рече дека тоа е период кога сме имале литература, иако не сме имале литературен јазик.“
Книгата е публикувана со финансиска поддршка на Глобалната македонска фондација „Вечна“, која мотивот за поддршката за публикување на книгата го образложува токму со поддршката и афирмацијата на прашањата за идентитетот, јазикот и културната самобитност на македонскиот народ.
Проф. д-р Јованка Кепеска (1940 г., Прилеп) од 1974 година, како предавач, а потоа до 2005 год., од кога е во пензија, беше професор на повеќе катедри за социјална теорија на факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, но најдолго се задржува како редовен професор на Филозофскиот факултет. Својот научен интерес го сосредоточува на повеќе филозофски и социолошки теми од современиот демократски развој на светот и македонското општество. Автор е на осум книги.












