среда, ноември 18, 2026
Дома СВЕТ Европа преговара за Украина без шефицата на дипломатијата: Kaja Калас бара место...

Европа преговара за Украина без шефицата на дипломатијата: Kaja Калас бара место на масата

0
EPA/RONALD WITTEK

Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика, Каја Калас, не е дел од тимот што во име на Европа ќе учествува во мировните преговори за Украина, со посредство на САД. Според пишувањето на „Политико“, Калас сега се обидува да обезбеди поактивна улога во преговарачкиот процес.

Калас повеќепати истакнала дека, согласно договорите на ЕУ, таа е највисоката функционерка задолжена за надворешната политика на Унијата. Иако не е вклучена во преговарачкиот тим, зад сцената работи на дефинирање на европскиот преговарачки мандат – барањата што Европа треба да ги изнесе и црвените линии преку кои нема да премине.

„Извадете ги договорите и прочитајте ги. Кој се занимава со безбедносната и надворешната политика? Како што секогаш им велиме на партнерите, владеењето на правото во Европа се договорите. Останувам на моите зборови и подготвена сум да ја работам и оваа работа“, изјави Калас пред новинарите во Брисел, одговарајќи на прашањето зошто не е дел од преговарачкиот тим.

Кој ја претставува Европа во преговорите?

По повеќенеделни расправи за тоа кој треба да ја претставува Европа во разговорите за Украина, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, минатата недела во Даблин го објави составот на тимот.

Во него ќе бидат советниците за национална безбедност на Франција, Германија, Полска, Италија и Велика Британија, како и претставници на Европската комисија и Европскиот совет.

Овој пристап предизвика критики кај дел од европските министри. Литванскиот министер за надворешни работи, Кестутис Будрис, порача дека Европа мора да настапува единствено.

„На Европа ѝ треба еден глас. Не можеме да зборуваме преку 27 микрофони. Потребни ни се јасен мандат и јасни процедури за усогласување на заедничкиот став“, изјави Будрис.

Слични забелешки упати и шпанскиот министер за надворешни работи, посочувајќи дека европските држави мора да ја усогласат својата позиција пред почетокот на преговорите.

Изоставена поради критиките кон администрацијата на Трамп?

Според „Политико“, дел од европските дипломати сметаат дека врз одлуката Калас да не биде дел од тимот влијаеле и нејзините претходни критики кон администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

Еден национален функционер вклучен во разговорите за Русија оценил дека нејзиното присуство во преговарачкиот тим би можело да предизвика дополнителни поделби.

Други, пак, сметаат дека изборот на советници за национална безбедност бил намерен, бидејќи тие директно одговараат пред шефовите на државите и владите. Притоа потсетуваат дека во последните рунди преговори не учествувале ниту американскиот државен секретар Марко Рубио, ниту рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Двајца европски дипломати ваквиот избор го толкуваат како дел од поширокиот тренд прашањата што досега биле во надлежност на министрите за надворешни работи сè почесто да ги преземаат премиерите и претседателите.

Калас бара европските држави активно да учествуваат

По понеделничкиот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, Калас порача дека земјите членки не сакаат само дополнително да добиваат информации за преговорите, туку бараат активно да учествуваат во нивното обликување.

Таа додаде дека со министрите веќе подготвиле документ со „максимални барања“, односно список на отстапки што Русија треба да ги направи пред продолжувањето на разговорите.

Во наредните недели министрите треба да ги доработат барањата и да подготват мандат за европскиот преговарачки тим пред следната рунда разговори во Абу Даби. Сепак, дел од функционерите сметаат дека оваа задача би можеле да ја преземат амбасадорите на земјите членки при ЕУ, наместо самите министри.

Случувањата се вклопуваат во пошироките несогласувања меѓу европските институции околу контролата врз надворешната политика. Европската комисија, предводена од Урсула фон дер Лајен, презеде водечка улога во голем број прашања поврзани со Украина, но и во значителен дел од односите на ЕУ со Израел.

Во меѓувреме, Франција и Германија се залагаат за реформа на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), со која таа би била потесно поврзана со Европската комисија.

Дополнителна неизвесност создаваат и различните пораки од Вашингтон и Москва. Американските пратеници минатата недела изјавија дека Русија е отворена за учество на Европејците во мировните преговори, но Кремљ во понеделникот соопшти дека таков договор не е постигнат, објави Ројтерс.

ИЗДВОЕНИ