среда, септември 30, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Објавена монографија „Религиското образование и ΠΑΙΔΕΙΑ: Компаративно-правни перспективи“ од монахињата Ефимија (Зајковска)

Објавена монографија „Религиското образование и ΠΑΙΔΕΙΑ: Компаративно-правни перспективи“ од монахињата Ефимија (Зајковска)

0

Од печат излезе научната монографија „Религиското образование и ΠΑΙΔΕΙΑ: Компаративно-правни перспективи“, авторски труд на монахињата Ефимија (Зајковска), член на сестринството од манастирот „Свети Георгиј Победоносец,“ Рајчица, објави Бигорскиот манастир.

Книгата е достапна во печатена форма, но и во електронска верзија за сите заинтересирани читатели на официјалниот веб-сајт на Бигорскиот манастир.

Ова значајно дело претставува резултат на нејзиниот одбранет магистерски труд на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје, но и плод на долгогодишниот активизам за унапредување на религиското образование во македонскиот образовен систем. Како рецензенти на овој капитален научен труд се потпишуваат истакнатите професори д-р Александар Спасеновски и д-р Анета Јовковска.

Студијата претставува обид за темелно, повеќеслојно и научно расветлување на еден од најкомплексните и најделикатните сегменти во современиот македонски образовен систем: местото, улогата и перспективите на религиското образование во јавните училишта, со посебен фокус на наставниот предмет „Етика во религиите“. Сместувајќи го истражувањето на пресекот помеѓу државната политика, религијата и општеството, трудот го анализира овој феномен преку четири комплементарни димензии: уставно-правната, современите педагошки стандарди, општествените перцепции и теолошките позиции. Основната цел на монографијата е да понуди објективна научна парадигма, која ќе ги надмине честопати поларизираните, идеолошки обоени и редукционистички дебати во македонскиот јавен простор, нудејќи решенија засновани на емпириски факти и компаративни меѓународни искуства.

Во теоретскиот и историскиот дел од истражувањето, низ призмата на компаративната анализа се расветлуваат трите доминантни европски образовни модели: Конфесионалниот модел (карактеристичен за земји како Германија и Австрија); лаицистичкиот модел на радикална сепарација (Франција) и мултирелигискиот/феноменолошкиот модел (Англија). (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ