Националниот џез-оркестар вечерва (18 ноември), во Македонската филхармонија, со почеток од 20 часот, ќе одржи ексклузивен концерт со еден од најзначајните пијанисти и композитори на светската џез-сцена – Мишел Камило, добитник на наградата Греми, како и три Латински Греми и Еми.
Мишел Камило е доминикански пијанист и композитор. Специјализиран е за џез, латино и класично пијано. Ја воодушевува светската публика со својата извонредна пијанистичка виртуозност, препознатливиот музички израз и експлозивната латино-џез енергија. Неговото творештво претставува уникатен спој на џез, класична музика и карипски ритми, а неговата кариера е исполнета со бројни меѓународни признанија, соработки и настапи на најпрестижните светски сцени.
Во Скопје, Камило ќе настапи со своето трио, составено од неговите долгогодишни музички соработници Рики Родригес на контрабас и Марк Валкер, на тапани. Диригент на концертот е маестро Џијан Емин.
Овој концерт претставува посебна можност за македонската публика да доживее музичка средба со еден од водечките светски џез-уметници, во програма што ветува виртуозност, динамика, импровизација и препознатлива латино-џез енергија.












