Деветтиот век не го означува почеток на христијанството во Македонија, туку пресвртна етапа во црковно-културната идентификација и диференцијација на македонските Словени, се наведува во еден од научните трудови во денеска промовираната монографија „Извори за историјата на Македонија – тематска целина религија“. Се работи за проект зад кој стои Институт за национална историја, а кој е поддржан од Министерството за образование. Монографијата составена од 14 поглавја е фокусирана на препрочитување на некои од изворите од периодот на антиката, средновековието, османлискиот период, но и на презентирање на нова архивска граѓа од современата доба.
Во својот прилог насловен како „Христијанството во Македонија од 7 па до почеток на десетти век“, директорот на Институтот за национална историја, Митко Панов, наведе дека политичките, административните и црковните трансформации од 7 век не значеле целосен прекин на христијанскиот живот во Македонија.

– Наспроти империјалната претстава на Лав Шести за интеграција преку јазична и културна асимилизација, дејноста на Кирил и Методиј упатува на поинаков пристап, кој не претпоставувал напуштање на словенскиот јазик и обичаите, Кирило-Методиевата традиција претставува поинаков модел, во кој словенскиот станал јазик на црковната, богослужбената и книжевната дејност во Охрид и пошироко во Македонија и преку подготовката на словенскиот клир и книжевна елита. Нивната дејност не била поврзана со покрстувањето на Бугарија – нема сведоштва дека Кирил и Методиј воопшто ја посетиле, ниту имале релации со бугарските владетели. Особено е значајно тоа што словенското писмо било создадено врз јазична основа поврзана со говорот на македонските Словени од солунската област – јазик што служел за непосредно општење меѓу Солун и неговата словенско околина – наведува историчарот Панов во својот труд кој е составен дел од Монографијата.
Уредникот на изданието, Маја Ангеловска-Панов,нагласи дека религијата важна за разбирање на историските процеси.
– Разноликоста на темите во Монографијата ја потврдува претпоставката дека религијата, според својата суштина и значење, и понатаму останува еден од фундаментите за разбирање на историските процеси во минатото, но и за согледување на општествените текови и реални состојби – нагласи Ангеловска-Панов.
Во Монографијата има и трудови посветени на „Географијата на ’источните’ култови во Античка Македонија, на „Религијата како алатка за државни политики и дипломатија во средновековна Македонија“, за богомилството, улогата на охридските архиепископи во османлиското општество во 18 век, за дејноста на вакафите во Македонија за време на османлиското владеење, па сè до формирањето на македонската православна заедница во Австралија и други теми. (Б. Ѓ.)












