Сања Божиновска останува на чело на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, откако Собранието денеска ја отфрли интерпелацијата за нејзината работа. За барањето на Левица гласаа 19 пратеници, 63 беа против, а воздржани немаше.
Опозициската партија Левица која ја поднесе интерпелацијата ја обвини министерката дека наместо ред во енергетскиот сектор, во изминативе две години немала ниту едно решение за клучните проблеми, немала резултати, туку сè поголеми задолжувања и профити за приватни компании во сопственост на лицата поврзани со власта. Пратеникот Амар Мециновиќ рече таа не понудила решенија за сè поголемите проблеми. Како прв пример го посочи финансиското пропаѓање на ЕСМ.
– Додека пред две години долговите на државниот производител изнесувале 156,6 милиони евра, во вториот квартал од 2026 година тие достигнале 173,9 милиони евра – зголемување од 17 милиони евра. Дополнително, ЕСМ Дистрибуција должи 35,6 милиони евра. Очигледно дека никогаш не била ни намера да се консолидира ЕСМ. Затоа што ЕСМ, ВМРО-ДПМНЕ, како и сите влади претходно, го третираат како еден бунар без дно за богатење на нивните колеги и соработници, рече Мециновиќ.
Тој посочи дека паралелно со растот на долговите на државниот производител, приватните компании во електроенергетскиот систем остваруваат огромни профити.
– Компаниите од групацијата имаат оставено 109 милиони евра добивка во последните две години. Во нашиот електроенергетски систем сите ризици се преземаат од државните капацитети, додека сите придобивки ги добива директно приватната ЕВН. Како е можно, две години, да немате никакви буџетски трансфери, никакви инјекции во ЕСМ? Единственото нешто што го правите е тоа што ЕСМ и понатаму се задолжува на финансискиот пазар. ЕСМ презема нови долгови без Владата и државата да развијат долгорочен план за финансирање на ЕСМ. Граѓаните треба да знаат дека продолжува статус квото, каде што државните институции се снабдуваат на слободен пазар од приватни снабдувачи кои се директно во врска со политичката каста во Република Македонија – истакна пратеникот Мециновиќ.
Тој додаде дека Владата и натаму дозволува приватните компании да копаат јаглен во РЕК Битола и во РЕК Осломеј, дека две години нема поместување за проектот Чебрен и Галиште, дека нема окрупнување на енергетските капацитети.
Во својот одговор министерката Божиновска ги повика пратениците да ја оценуваат одговорноста врз основа на законските надлежности, документите и конкретните одлуки и да не ја прифатат интерпелацијата.
– Одговорноста не се утврдува со мешање на институциите. Таа се утврдува со закон, документ и конкретна одлука. Како може да ми припишувате организација на постапка за избор на универзален снабдувач што започнала и завршила пред воопшто да постои Министерството? – праша Божиновска, додавајќи дека ниту ја водела комисијата ниту била министерка кога таа одлучувала.
Во однос на наводите за продажба на ЕСМ, министерката нагласи дека не постои одлука на Министерството за продажба на компанијата и побара тврдењата за распродажба да бидат поткрепени со конкретен акт и постапка.
– Цената по која ЕСМ обезбедува енергија за универзалното снабдување е дел од јавната политика за достапност на струјата за граѓаните. Производствениот трошок, продажната цена и регулираната тарифа не смеат да се претставуваат како иста категорија. Производствениот трошок на ЕСМ е намален од над 130 на околу 100 евра за мегават-час – наведе министерката.
Таа укажа на интерконекторот со Грција, договорот за македонскиот дел од поврзувањето со Србија, пристапувањето кон рамката на Вертикалниот гасен коридор и работата на можноста за поврзување со Косово. „Овие се енергетските автопати на државата“ – порача Божиновска.
Во социјалниот дел од енергетската политика таа наведе дека во програмата за 2025 година се издадени 3.750 ваучери од по 28.000 денари, во вкупна вредност од 105 милиони денари, а во програмата за 2026 година се реализирани 480 електронски ваучери. Годинашната мерка, според неа, е насочена кон домаќинства со лица и деца со попреченост.
– Функцијата е привремена. Одговорноста кон државата останува. А вистината не се утврдува со бројот на пишани критики, туку со силата на доказите – заклучи Божиновска. (Б. Ѓ.)












