Во завршна фаза е реализацијата на еден од позначајните капитални инфраструктурни проекти, изградбата на нов плочест мост и сервисната улица „500“, со кои се воспоставува нова сообраќајна врска меѓу населеното место Марино и населбата Јака.
Од Општина Илинден информираа дека во рамки на завршните градежни активности, почнало поставувањето на првиот асфалтен слој.
Сервисната улица „500“ е во должина од 260 метри, со коловоз широк 5,5 метри и тротоари со ширина од по 1,5 метри од двете страни. Во рамки на проектот изграден е и нов плочест мост со коловоз широк 6 метри и тротоари од по 1,5 метри од двете страни. Дополнително, проектот опфаќа и изградба на систем за собирање и одведување на фекалните отпадни води, односно нова фекална канализација за објектите кои гравитираат кон оваа улица.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгевски истакна дека новиот мост и сервисната улица „500“ се надоврзуваат на улиците „119“ и „111“, реализирани во изминатиот период.
-Со нивното поврзување, населба Јака добива целосно нов влез и излез, како и директна сообраќајна врска за повеќе од 330 семејства со Марино и со централниот дел на општината – наведе Георгиевски.
Средствата за реализација на проектот се обезбедени со 60 проценти финансиско учество од Владата на Република Македонија и 40 проценти од буџетот на Општина Илинден, а со реализацијата на овој проект ќе се подобрат сообраќајната поврзаност и безбедноста за движење на сите учесници во сообраќајот во овој дел од општината.












