Влегувањето на балканските држави во Европската Унија значи и нивно забрзано празнење. Ова го потврдуваат примерите на сите земји од 2004 година наваму, кои уште во првата деценија по влезот во ЕУ се соочија со сериозен одлив на населението. Тоа се случи со Хрватска, Бугарија, Романија, а не беа поштедени ни Чешка, Естонија, Словенија, Малта и Кипар, Унгарија, Литванија, Полска, Словачка…
Следна на ред за влез во ЕУ е Црна Гора. Таму веќе постои страв дека државата уште повеќе ќе се празни, особено заради тоа што тој тренд го доживеале и држави кои биле економски и во секоја друга смисла постабилни од Црна Гора. Стравот дека ќе ја покоси нова бела чума во таа држава е уште поголем затоа што пописот од 2003 година покажа дека веќе има одлив на населението. Во моментов, црногорските институции немаат процена дали и колку од населението ќе се исели по членството во ЕУ, но тие објаснуваат дека миграциските движења, во случајот на претходните членки, значително зависеле од економскиот развој на земјата, динамиката на растот на платите, можностите за вработување, квалитетот на јавните услуги, но и од транзициските ограничувања што ги вовеле поединечните земји членки за пристап до нивните пазари на трудот, пишува ЦДМ.
Меѓу земјите од регионот, Хрватска на пример, според Државниот завод за статистика, за една деценија, од зачленувањето во 2013 година до 2023 година, изгубила 389.197. Само по три години членство, во 2016 година, кога им беше овозможено слободно движење и работа во повеќето земји членки на ЕУ, дури 47.352 граѓани ја напуштиле Хрватска. Директорката на црногорското Друштво на статистичари и демографи, Гордана Радојевиќ, посочува дека во првите пет години од членството, просечно 0,84 проценти од населението емигрирало од Хрватска и 1,45 проценти од Романија.
– Кога ќе ги примениме овие стапки на бројот на жители на Црна Гора, добиваме дека годишно би можеле да емигрираат околу 5.300 жители, според искуството на Хрватска, или околу 9.000, ако ја базираме процената на искуството на Романија. И двете сценарија го вклучуваат вкупниот број заминувања во странство, вели таа.
Во тој контекст, се поставува прашањето кој ќе живее и ќе работи во испразнетите земји. Радојевиќ вели дека со време, доселувањата би можеле да ја надоместат загубата на населението, но во првите години од членството, тој сооднос може да биде неповолен. Хрватска регистрирала повеќе доселени отколку отселени дури девет години по зачленувањето.
Поновите членки на ЕУ досега не најдоа модел да го сопрат иселеничкиот тренд, но постарите и економски посилните, по сè изгледа, ја завршуваат таа работа наместо нив. Многу членки на ЕУ стануваат сè порестриктивни во издавањето работни дозволи за странци. На пример, ограничувања за вработување на хрватски работници воведоа Белгија, Германија, Холандија, Австрија, Велика Британија, Словенија, Шпанија и Луксембург. Ако се следи примерот на Црна Гора, ограничувања за вработувања се споменуваат уште во преговорите. За Црна Гора, во преговарачката позиција, засега е конкретно споменато дека Австрија би можела да го заштити својот пазар на трудот со ограничување на вработувањето на црногорски граѓани.











