
Како што објави кинеската агенција „Синхуа“, тројцата лидери се договориле да водат дијалог за намалување на нуклеарните ризици и за спречување на ширењето нуклеарно оружје. Во изјавата потпишана од тројцата лидери, стои и тоа дека тие ќе се залагаат за реформа на Обединетите нации, се согласуваат да го зголемат производството на нафтени деривати и нагласуваат дека е важно почитувањето на имунитетот на државните службеници, па го повикуваат Меѓународниот кривичен суд (МКС) да не ја злоупотребува својата надлежност. Шји нагласи дека Кина, Русија и САД, како големи сили и постојани членки на Советот за безбедност на ОН, треба да дадат пример за другите во заедничкото соочување со глобалните предизвици и во зачувувањето на светските мир и стабилност
Нема победник во нуклеарна војна и таа никогаш не смее да се случи, се согласија на вчерашната трилатерална средба во Женшен, Кина, тројцата најмоќни лидери на светот – кинескиот Шји Џинпинг, рускиот Владимир Путин и американскиот Доналд Трамп. Како што објави кинеската агенција „Синхуа“, тројцата лидери се договориле да водат дијалог за намалување на нуклеарните ризици и за спречување на ширењето нуклеарно оружје. Исто така, агенцијата нагласува дека биле разменети мислења за моменталната меѓународна ситуација, при што тројцата лидери ја изразиле својата решеност да ги зачуваат стратешката стабилност и меѓународната безбедност.
Договореното во врска со нуклеарната опасност е само една од четирите точки околу кои, според објавената заедничка декларација за патот кон мир, се согласиле тројцата лидери на состанокот што траеше еден и пол час, без присуство на новинари, а се одржа на маргините на самитот на АПЕК. Во изјавата потпишана од нив, тројцата лидери ветуваат и дека ќе се залагаат за реформа на Обединетите нации за да може поефикасно да одговори Организацијата на глобалните предизвици и за да ја исполни својата фундаментална задача за одржување на меѓународните мир и безбедност. Исто така, се согласуваат да ги зголемат производството и снабдувањето со рафинирани нафтени деривати во корист на сите земји, и покрај меѓународните санкции за продажба на руска нафта. Во заедничката изјава, тие нагласуваат и дека е важно почитувањето на имунитетот на државните службеници, па го повикуваат Меѓународниот кривичен суд (МКС) да не ја злоупотребува својата надлежност. Како што е познато, МКС има налог за апсење на Путин поради неговата наводна одговорност за воените злосторства извршени во текот на руската инвазија врз Украина.
– Кога се големите сили во хармонија, светот е во мир, а кога се тие во конфликт, светот е во хаос – рече Шји, нагласувајќи дека оваа прва средба на лидерите има пионерско значење.
Тој додаде дека Кина, Русија и САД, како големи сили и постојани членки на Советот за безбедност на ОН, треба да дадат пример за другите во заедничкото соочување со глобалните предизвици и во зачувувањето на светските мир и стабилност. Според него, позитивната интеракција меѓу големите сили не е прашање на избор, туку обврска, пренесе „Синхуа“. Шји потсети дека низ историјата избувнале повеќе од 10.000 војни, од нив две светски војни донесоа невидено уништување, а низ целиот свет сè уште се во тек повеќе од 60 регионални конфликти.
И Трамп рече дека Русија, САД и Кина имаат посебна одговорност за светските настани и повика на дијалог меѓу трите земји, не пропуштајќи да ги критикува претходните лидери за нивниот „недостиг на подготвеност да воспостават контакти едни со други“ и нагласи дека е отворен за дијалог за создавање подобра иднина. Оцени дека оваа трилатерална средба е избор на поинаков правец во надворешната политика на САД, нагласувајќи дека разговорите со земјите со кои Вашингтон има несогласување може да донесат конкретни резултати. Путин, заблагодарувајќи му се на кинескиот претседател за организацијата на средбата, исто така излезе со ставот дека трите земји, како победници во Втората светска војна, имаат заедничка одговорност за одржување на меѓународните мир и безбедност. Тој оцени дека Русија, Кина и САД имаат бројни заеднички интереси во решавањето на регионалните конфликти, вклучувајќи ја војната во Украина, како и во борбата против меѓународниот тероризам и транснационалниот организиран криминал.
Претходно, Трамп и Путин имаа билатерална средба, по која не дадоа изјави, но беше воочливо доброто расположение на Путин на излегувањето од состанокот. Според советникот на Кремљ за надворешна политика, Јуриј Ушаков, главна тема на разговорите била Украина. Претходно, Трамп се пофали дека има одличен однос со Путин, нарекувајќи го „мојот пријател“.
И покрај чувствителноста на овие разговори во Кина, ЕУ не беше учесник затоа што не е членка на АПЕК.










