Кој и да ја преземе функцијата, на 1 јануари ќе се соочи со борба не само за зачувување на релевантноста на ОН туку, на крајот, и за нивниот опстанок. Самата идеја за глобална организација што ги обликува правилата според кои функционира светот, од мирот и безбедноста до борбата против климатските промени, е доведена во прашање. ОН се изложени на цела низа кризи. Најопасната се однесува на авторитетот. Русија и САД сè повеќе ја игнорираат
Во центарот на насловната страница на „Њујорк тајмс“ од 20 октомври 1959 година имаше мал текст насловен: „Застој во ООН“. Тоа беше приказна што можеше да се објави речиси секој ден таа година. Ваквите пристапувања на Студената војна се корисен потсетник дека сегашното чувство на опсада во Обединетите нации воопшто не е ново, пишува „Њујорк тајмс“.
Но, како што Обединетите нации ја засилуваат потрагата по нов лидер, перспективата изгледа невообичаено мрачна. Кој и да ја преземе функцијата од Антонио Гутереш, кој беше два мандата генерален секретар, на 1 јануари ќе се соочи со борба не само за зачувување на релевантноста на ОН туку, на крајот, и за нејзиниот опстанок. Самата идеја за глобална организација што ги обликува правилата според кои функционира светот, од мирот и безбедноста до борбата против климатските промени, е доведена во прашање. ОН се изложени на цела низа кризи. Најопасната се однесува на авторитетот. Русија и САД сè повеќе ја игнорираат. Многу други земји, исто така, ја доведуваат во прашање улогата на организацијата, со оглед на тоа што нејзините структури сè уште ги одразуваат односите на моќ од 1945 година, кога беше основана, а не светот каков што постои денес, наведува ФТ.
Советот за безбедност е најважното меѓународно тело за донесување закони во светот, но остана блокиран по целосната инвазија на Русија на Украина во 2022 година и низата конфликти меѓу големите сили во текот на изминатата деценија. Додека во непосредниот период по завршувањето на Студената војна бројот на усвоени резолуции нагло се зголеми, во последните години значително се намали, што го одразува слабеењето на меѓународниот правен поредок. Проблемите на ОН беа дополнително продлабочени од Доналд Трамп, претседателот на САД, кој основа еден вид конкурентска организација, Одбор за мир, со амбиции што се протегаат до Газа и пошироко. ФТ се осврнува и на репутацијата на ОН како медијатор, за која наведува дека е толку многу намалена што нејзиниот глас речиси воопшто не се слуша во војните во Украина, Газа и Иран. Исто така, постои недостаток на пари, бидејќи САД и другите земји ги намалуваат своите финансиски придонеси. Деморализираната бирократија на оваа организација, како и на многу нејзини агенции, според признанието на службениците, бара сеопфатни реформи.
– Не гледам дека ОН е во непосредна опасност од исчезнување. Ми се чини повеќе како еден вид бавна смрт. ОН се лизгаат сè повеќе во ирелевантност… без значаен придонес во решавањето на неодамнешните кризи или војни меѓу државите, вели Рафаел Гроси, аргентинскиот шеф на Меѓународната агенција за атомска енергија и истакнат кандидат за нов генерален секретар.
Ребека Гринспен, поранешна потпретседателка на Костарика и моментално главна кандидатка за наследник на Гутереш, истакнува дека еден од приоритетите мора да биде дискусијата за иднината на ОН да не се претвори „од скептицизам во фатализам“.
Во осумте децении од создавањето на ОН, која беше основана на крајот од Втората светска војна, нејзините девет генерални секретари мораа да најдат начин да маневрираат помеѓу интересите на П5 – петте постојани членки на Советот за безбедност со право на вето – САД, Кина, Русија (поранешниот Советски Сојуз), Обединетото Кралство и Франција. Премногу често, таа задача се покажа дека е надвор од нивните можности, како што е случај и денес. Оние што ја бранат ОН истакнуваат дека организацијата ја исполнила својата главна цел – да спречи нова светска војна, но дека во последниве години нејзината улога како медијатор е ставена во втор план.
– Старата Хемаршелдова максима гласеше дека ОН не се таму за да нè однесат во рајот, туку да нè спасат од пеколот, потсетува Лорд Малох-Браун, поранешен функционер на ОН, додавајќи дека имало „краток, сончев период по Студената војна кога сите мислеа дека ОН можат да бидат катализатор за промени во светот, но, ОН се вратија на многу попрагматичен пристап, оној на кој беа посветени поголемиот дел од своето постоење“.
Сепак, наведува „Фајненшл тајмс“, денес е тешко да се спроведе или одржи дури и тој „прагматичен пристап“. Во текот на последните две децении, ОН формално се потпираа на три „столба“: безбедност, развој и човекови права, а сите три сега се сопнуваат. Во овој хаос сега навлегоа седум кандидати кои сакаат да го преземат раководството на ОН. Поранешни претставници на ОН го гледаат ова, подеднакво со надеж колку и со очекување, како можност темелно да се преиспита дејствувањето на организацијата и да се обнови нејзиниот моментум.












