четврток, ноември 19, 2026
Дома СКОПСКА ЈП ПОЦ ја отвори хуманитарната зона H во секторот „Парк“ 

ЈП ПОЦ ја отвори хуманитарната зона H во секторот „Парк“ 

1

Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на Општина Центар“, заедно со Општина Центар и Општинската организација на Црвениот крст – Центар, денеска и официјално ја отвори хуманитарната Зона H.

Од претпријатието информираат дека зоната опфаќа посебно обележани хуманитарни паркинг-места, а средствата собрани од нивното користење ќе бидат наменети исклучиво за хуманитарни цели, во соработка со Општинската организација на Црвениот крст – Центар.

Хуманитарните паркинг-места се обележани со црвена и бела боја и со соодветна сигнализација. Корисниците треба да ги следат истакнатите упатства за пријавување и плаќање на паркирањето во Зона H.

Првата локација на хуманитарната Зона H се наоѓа на предната страна на Градскиот стадион, во секторот „Парк“ на ЈП ПОЦ, а во наредниот период зоната ќе се проширува и на други локации.

– Со оваа иницијатива, ЈП ПОЦ, Општина Центар и Црвениот крст ја претвораат секојдневната паркинг-услуга во можност за солидарност, поддршка и помош на лицата и на семејствата на кои им е најпотребна – соопштија од Општина Центар.

Директорот на ЈП ПОЦ, Душко Коцевски, истакна дека хуманитарната зона претставува практичен начин јавната услуга да се поврзе со грижата за заедницата.

– За ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, ова е практичен начин јавната услуга што ја даваме да ја поврземе со грижата за заедницата. Во соработка со Општинската организација на Црвениот крст – Центар и со поддршка на Општина Центар, сакаме да обезбедиме дополнителна помош за нашите сограѓани – изјави Коцевски, повикувајќи ги граѓаните да ја поддржат хуманитарната зона H и преку користењето на овие паркинг-места да се вклучат во помошта за оние на кои им е најпотребна.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, нагласи дека иницијативата е дополнителна можност за поттикнување на солидарноста и помошта во локалната заедница.

– Со отворањето на хуманитарната зона H, на граѓаните им овозможуваме, преку една секојдневна услуга, да придонесат за хуманитарни цели. Ова е една од новините воведени со последните измени на системот на паркирање, со кои се стремиме кон поправична распределба и порационално користење на паркинг-просторот, а воедно внесуваме и хумана димензија во паркирањето. Со секое платено паркирање на овие места, придонесуваме за посолидарен Центар во кој се грижиме едни за други – наведе Герасимовски.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ