четврток, ноември 19, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Напади во училишните тоалети, дворови и на улица – децата не се...

Напади во училишните тоалети, дворови и на улица – децата не се безбедни ниту меѓу своите другарчиња!

0

ВРСНИЧКОТО НАСИЛСТВО НЕ Е ИЗОЛИРАН ПРОБЛЕМ, ПЕТ НОВИ СЛУЧАИ ЗА НЕКОЛКУ ДЕНА 

Пет случаи на малолетничко насилство за само неколку дена во Скопје, Тетово и Кавадарци. Ученици тепани во училишни тоалети и на улица, девојче горено со цигара, а еден од нападите сниман и објавен на социјалните мрежи. Насилството меѓу децата добива сè позагрижувачки размери, а претходните случаи покажуваат дека последиците можат да бидат сериозни. Каде потфрлаат превенцијата и реакцијата на институциите?

 

Пет случаи на врсничко насилство за само неколку дена – вознемирувачки биланс што повторно го отвора прашањето колку се безбедни децата во училиштата и на улиците. Три инциденти се пријавени во Скопје, а по еден во Тетово и Кавадарци. Физички напади, малтретирање, горење со цигара, па дури и снимање и објавување на насилството на социјалните мрежи. Зад овие случаи стојат малолетни жртви, а наместо безгрижно детство, сè почесто сведочиме на сцени на насилство меѓу врсници. Дали ова е само уште еден аларм што ќе одекне неколку дена или конечно повод за посериозна реакција?

Последниот пријавен случај во Скопје се случил во основно училиште во Радишани. 33-годишна мајка пријавила дека нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од неколку врсници во училишниот тоалет. Нападот се случил во средата околу 17 часот, а случајот во полиција бил пријавен неколку часа подоцна.

-Во Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје, С.М.П. (33) од Скопје пријавила дека околу 17:00 часот во тоалет од основно училиште на подрачјето на Радишани, нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од неколку малолетници, соопштија од МВР.
Но, ова не е единствениот инцидент во главниот град. Истиот ден, во полиција била пријавена и физичка пресметка во скопски Бит-пазар, каде што малолетна девојка била нападната од неколку малолетнички, додека едно момче го снимало настанот со мобилен телефон. Снимката потоа била објавена на социјална мрежа.

-Н.С. (45) од скопското село Пагаруша, пријавила дека околу 13:30 часот на подрачјето на Бит Пазар, нејзината малолетна ќерка била физички нападната од неколку малолетнички, додека пак еден малолетник го снимал настанот со мобилен телефон, по што е објавен на социјална мрежа, стои во полицискиот билтен.

Насилство меѓу малолетници е пријавено и во Тетово. Четиринаесетгодишно момче било нападнато од пет малолетници на улицата „Страшо Пинџур“. Неговата мајка го пријавила случајот во полиција, посочувајќи дека момчето познавало тројца од напаѓачите.
Особено вознемирувачки е и случајот од Кавадарци. Мајка пријавила дека две малолетнички ја нападнале нејзината ќерка на улицата „Сремски фронт“, при што едната ја држела, додека другата ја горела со цигара. Нападот се случил на 16 ноември, а бил пријавен два дена подоцна.

Како што соопштија од СВР Велес, за случајот се известени јавен обвинител и Центарот за социјални работи во Кавадарци, а полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

Врсничкото насилство не е нов проблем, но зачестените пријави за физички напади меѓу малолетници ја наметнуваат потребата од системски пристап во неговото спречување. Насилството може да се манифестира преку физички напади, навреди, закани, заплашување, понижување и социјално исклучување, а дополнителен проблем претставува и неговото снимање и споделување на социјалните мрежи, со што жртвите повторно се изложуваат на понижување и вознемирување.

Особено загрижувачки е што ваквите инциденти се случуваат во средини во кои децата треба да се чувствуваат безбедно – во училиштата и во нивното секојдневно опкружување и што актуелните пет случаи не се изолирани инциденти. Весникот Вечер изминатиот период известуваше за случаи на брутално насилство меѓу малолетници, а случајот со врсничкото насилство во кој четири малолетнички брутално малтретираа 13 годишно девојче во паркот во населбата Ѓорче Петров, доби и судска разрешница – насилничките ќе го поправаат своето однесување во воспитно-поправен дом. Судијата за деца во Основниот кривичен суд Скопје за две од децата изрече мерка во траење од една година, а за другите две девојчиња таа изнесува по осум месеци. (В.С.Н.) 

ИЗДВОЕНИ