Скопјани кои секојдневно го користат јавниот превоз се жалат дека со часови стојат на постојките, дека возниот ред не само што не се почитува туку и се менува од минута во минута. Доцнат за на работа, доцна се враќаат дома од работа. Велат дека секојдневно се сведоци на сè почести самоволни исклучувања на автобусите на ЈСП. Граѓаните се оставени во неизвесност, без навремени информации дали автобусот воопшто ќе пристигне и кога можат да стигнат до своето работно место, училиште или да завршат други секојдневни обврски

 

Ако се возиш со некој од автобусите од ЈСП, никогаш не знаеш дали ќе стигнеш на време на посакуваната дестинација, реагираат скопјани кои секојдневно го користат јавниот превоз. Се жалат дека со часови стојат на постојки, дека возниот ред не само што не се почитува туку се менува од минута во минута. Доцнат за на работа, доцна се враќаат дома од работа. Велат дека секојдневно се сведоци на сè почести самоволни исклучувања на автобусите на ЈСП. Граѓаните се оставени во неизвесност, без навремени информации дали автобусот воопшто ќе пристигне и кога можат да стигнат до своето работно место, училиште или да завршат други секојдневни обврски.

Наша читателка се пожали на автобуската линија со број 5 дека повеќепати не застанал на станицата во Влае каде што таа чека.

– Пред мене помина автобус со бројот 5 и не застана. Во автобусот кој застана по него го слушнав возачот како кажува дека неговиот колега се исклучил и не знаел каде ќе се вклучи за да го надомести изгубеното време – раскажува за весникот ВЕЧЕР.

Во друг случај, пак, патник кој бил на станицата спроти ТЦ „Лиса“ сведочи како зглобен автобус, исто така со број 5, кој доаѓал од Аеродром, наместо да оди на последната автобуска станица на линијата со број 5, свртел на семафорите по ТЦ „Лиса“. Трет случај е сo скопјанец кој на социјалните мрежи се пожали на тоа дека приватен автобус со број 52 не застанал на постојката кај ТЦ „Ист гејт“ на која чекале тој и уште еден патник.

– Не нè качи. Застана, ама не сакаше да ни отвори врата, а претходно чекавме 45 минути – го раскажува тој своето непријатно искуство со јавниот градски превоз во Скопје.

Граѓаните бараат да пријават, како што велат безобразни возачи на автобуси, односно такви што не стојат на станици, поаѓаат додека луѓето сè уште слегуваат и се расправаат како да се на пазар.

Корисниците на јавниот градски превоз се револтирани и велат дека јавниот превоз не е луксуз, туку основна потреба и јавна услуга за сите граѓани. Велат дека не може луѓето секојдневно да го планираат својот живот според неизвесноста дали автобусот ќе дојде или повторно ќе биде исклучен од сообраќај.

Од Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ објаснуваат дека за да се утврди дали имало самоволно исклучување од линијата, потребна е проверка на конкретното поаѓање.

– Возачите се должни да ја почитуваат утврдената траса, а секое оперативно отстапување се координира со надлежната диспечерска служба и со Оперативно-контролниот центар (ОКЦ) на ЈСП Скопје. По добивањето на податоците, ЈСП Скопје ќе изврши проверка. Доколку се утврди неправилност, претпријатието ќе постапи согласно интерните процедури – одговорија од претпријатието.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ