Дали може и Македонија да го следи примерот на Црна Гора и да ги укине задолжителните придонеси за пензиско и за здравствено осигурување, со што работниците би добивале значително повисока плата, а сами би одлучувале како ќе се осигуруваат? Дел од граѓаните би прифатиле ваков модел доколку тоа значи околу 30 отсто повисоки примања. Така, наместо сегашната минимална нето-плата од околу 26.000 денари, работникот би добивал околу 38.500 денари бруто, од кои самостојно би издвојувал средства за приватно пензиско и здравствено осигурување. Но, дали е реално применлива ваквата реформа во Македонија и кој би ја презел одговорноста за сигурноста на пензиите и на здравствената заштита?
Ангел Димитров, член на Управниот одбор на Организацијата на работодавачи, смета дека би можел да се примени црногорскиот модел и во Македонија. Сепак, според него, пред евентуалното воведување ваква реформа, неопходно е да се направи детална анализа за тоа како би се надоместил недостигот на средства во фондовите за пензиско и за здравствено осигурување.
– Во тој случај, треба да се воведе прогресивен данок на добивка, со што поголем дел од даночниот товар би се префрлил врз побогатите компании. Истовремено, би требало да се зголеми и ДДВ за да се надомести загубата во буџетот, односно средствата што се обезбедуваат досега преку придонесите за здравствено и пензиско осигурување. Анализата треба да покаже од каде ќе се обезбедат тие средства и какви последици би имала оваа промена врз сивата економија. Во моментов, еден од главните мотиви работодавците да не ги пријавуваат работниците се високите придонеси. Со ваквиот модел, би можела да се намали сивата економија, бидејќи работодавците повеќе не би имале обврска да плаќаат придонеси за вработените – изјави Димитров за весникот ВЕЧЕР.
Според него, работниците што досега работеле непријавени, би можеле да влезат во легалните текови, а преку потрошувачката би плаќале повисок ДДВ, со што би се полнел буџетот.
Сепак, Димитров смета дека пред евентуалното воведување ваков модел, треба да се анализира искуството на Црна Гора и да се утврдат неговите позитивни и негативни страни.
Од друга страна, Миле Бошков од Бизнис-конфедерацијата на Македонија, смета дека тешко би можел да функционира ваквиот модел во земјава, пред сè, поради разликите во економските услови меѓу Македонија и Црна Гора. Според него, Црна Гора располага со значителни приходи од туризмот, кои би можеле да бидат важен извор за финансирање на пензискиот и на здравствениот систем доколку се укинат придонесите од платата.
Бошков смета дека Македонија нема таков обем на приходи што би можел да го надомести недостигот во фондовите, па затоа не треба избрзано да се размислува за преземање на црногорскиот модел. Според него, најпрво треба да се следат резултатите од реформата во Црна Гора и да се види дали навистина ќе донесе таа позитивни ефекти за економијата и за животниот стандард.
– Треба прво да видиме како ќе функционира моделот во Црна Гора, пред сè, поради нивниот менталитет. Тие видоа дека можат да ја променат законската регулатива за да привлечат повеќе странци и за да ги натераат Црногорците повеќе да работат. Кај нас, работниците нема да бидат попродуктивни ако им се дава бруто-плата – изјави Бошков за весникот ВЕЧЕР.
Според него, повисоката исплата на работниците сама по себе не гарантира поголема продуктивност, ниту автоматски значи дека економијата ќе генерира доволно дополнителни приходи за да се финансираат пензиите и здравствените услуги. Затоа евентуалната промена на системот би морала да биде проследена со сериозна анализа на економските можности, продуктивноста на работната сила и одржливоста на јавните фондови.
Иван Пешевски, потпретседател на Сојузот на синдикатите на Македонија, смета дека голем дел од работниците би прифатиле да добиваат повисока плата наместо од неа автоматски да им се издвојуваат средства за пензиско и за здравствено осигурување. Сепак, тој предупредува дека ваквиот модел може да има негативни последици на долг рок, особено кога ќе дојдат работниците до возраста за пензионирање.
– Примената на ваквиот модел ќе има контраефект кога ќе дојде моментот да треба да земат пензија. Луѓето кај нас немаат навика да штедат и наместо во приватни пензиски и здравствени фондови, ќе ги потрошат парите. Од друга страна, во ваков случај работниците ќе треба сами да водат сметка колку и каде треба да уплаќаат, додека сега тие обврски ги врши работодавецот – изјави Пешевски за весникот ВЕЧЕР.
Според него, иако моделот би им овозможил на работниците самостојно да одлучуваат за издвојувањето, тие би можеле да уплаќаат и поголеми суми во приватните пензиски фондови, со што би обезбедиле повисоки пензии, или, пак, да изберат приватно здравствено осигурување и да користат поквалитетни здравствени услуги.
Пешевски посочува дека ваквата можност би била привлечна за многу вработени, особено поради разликата во месечните примања. Како пример ја наведува минималната плата, која наместо сегашните околу 26.000 денари, би можела да достигне приближно 40.000 денари доколку му се исплаќа на работникот бруто-износот.
Инаку, ваквиот модел во одредена форма веќе се применува кај дел од компаниите во ИТ-секторот, како и кај некои странски компании што работат во Македонија, каде што искуствата се оценуваат како позитивни. На сличен начин функционираат и голем дел од младите што работат како фриленсери и самостојно ги регулираат своите придонеси и осигурување. Тоа покажува дека не е целосно непознат моделот во земјава, но за негова поширока примена би биле потребни темелна анализа, соодветни законски решенија и преоден период. Клучно останува прашањето како да се обезбеди финансиска одржливост на пензискиот и на здравствениот систем, а истовремено работниците да добијат повисоки месечни примања.
(А. С.)












