Западните историчари, антрополози, фолклористи и други, кои порано беа мошне критични кон македонската историографија, ги менуваат своите гледишта и сè повеќе застануваат на македонска страна кога се работи за историските прашања. Ова го кажа историчарот Далибор Јовановски на денешната научна конференција насловена „Од национални приказни до испреплетени истории“, со која се одбележа 80-годишниот јубилеј од постоењето на Институтот за историја при скопскиот Филозофски факултет. Јовановски, кој е раководител на Институтот, рече дека западните историчари сè повеќе сфаќаат дека не се состојбите онакви какви што своевремено им се чинеле.
– Порано македонската историографија, по падот на Берлинскиот ѕид, кога се осамостои, а претходно беше дел од општата југословенска историографија, беше соочена со една голема критика, пред сè, од страна на западните историчари, политиколози, антрополози, фолклористи итн. Меѓутоа, настаните поврзани со нашата евроинтеграција ја променија таа критика. Сега ја имаме нивната поддршка и големи симпатии и треба да ја искористиме во наша полза, во иднина, со активно учество на меѓународни конференции надвор од Македонија и со активно учество во пишувањето статии или делови книги. Секако, надвор од Македонија за да остане нивната поддршка, која многу ни значи во овој момент – нагласи Јовановски.
Тој додаде дека причината за премислувањето треба да се бара во сознанието на овие западни историчари дека почнале политички да се користат нивните критики.
– Кога ќе разберат оние што ја критикувале македонската историографија дека сега почнува политички да се користи нивната критика од страна на други центри, тоа нам ни отвора поле и за соработка и за изложување на нашите ставови. Секако, базирани на аргументи, а не на емоции. Историчарите, како и сите други, се подложни на емоции, кои влијаат врз нашата работа – нагласи овој историчар.
Одговарајќи на новинарско прашање дали постои испреплетена историја на народите, Јовановски одговори потврдно и дека е огромна таа.
– Има заеднички истории на народите што живееле во една држава. На пример, ние не можеме да негираме дека во одредени периоди со соседните народи сме живееле во една држава. Проблемот е кога се сака да се исполитизира тоа заедништво и да се оттргне нашиот дел од тоа заедништво. А, испреплетеноста на историјата е огромна. Без разлика дали е таа политичка, социјална, економска, културна, спортска итн. Знам дека многумина не би можеле да го прифатат ова што ќе го кажам: ние имаме испреплетена историја со сите со кои сме живееле во минатото. Но, испреплетеноста на историјата, повторувам, не се однесува само воопшто на целата историја. Намерно ја ставивме оваа тема како наслов на конференцијата за да го прикажеме тоа и за да се обидеме да го докажеме, бидејќи, знаете и сами, секоја наука дава тези, а потоа тие тези одат на проверка и на прифаќање – нагласи Далибор Јовановски, додавајќи дека сме свесни со какво сè негирање се соочуваат македонскиот народ и македонската историографија.
Министерката за образование, Весна Јаневска, во своето поздравно обраќање на конференцијата рече дека поминале бројни генерации на Институтот за историја.
– Тие оставиле белег и придонес кон изучувањето и документирање на историското наследство и неговото пренесување на нови генерации. Денеска, улогата на историчарите е од особено значење и за афирмирање на историската вистина. Само така може да изградиме општество што ќе ја знае сопствената историја и да извлечеме поуки од минатото. Институтот за историја ќе ја има поддршката на МОН за да продолжи да биде центар на знаењето, мислата и на нови историчари, кои ќе ја збогатат македонската вистина – потенцира министерката Јаневска.
И деканот на Филозофскиот факултет, Оливер Бакревски, укажа на значењето на развојот на историската наука во нашата земја, за што голем придонес има Институтот за историја. Со ова, истовремено се одбележуваат и осум децении од почетокот на наставата во високото образование на македонски јазик.
– Овој Институт е чувар на историската меморија и има клучна улога во зачувувањето на историското наследство. Тој е мост меѓу минатото и сегашност и една од најзначајните ризници на нашето историско паметење. Тој не е само чувар на фактографскиот запис за минатото туку, пред сè, и научен центар што ги истражува историските процеси, нивните причини, последици, врски. Историската вистина не се брани со затворање на прашањата, туку со нивно научно поставување, не се брани со избегнување на критиката и со замрзнување на знаењето, туку со негово постојано проверување и унапредување – нагласи деканот Бакрески. (Б. Ѓ.)
Зголемен интерес за студирање историја
Има зголемен интерес за студирање историја и се надеваме дека ќе продолжи, нагласи историчарот Далибор Јовановски.
– Тука треба да се покажеме и ние како, нивни професори, да ги придобиеме со стилот на предавањата, со теми што го мачат општеството за да извлечат одредени поуки и за да научат како да бидат наставници, професори или научници во иднина. Историја не е гол факт, туку филозофија на живеење. Но, ако продолжат демографските тенденции, ќе се соочиме со намалување на бројот на средношколци, кои треба да се запишуваат на студии во иднина – укажа тој.











