Иако законскиот рок за исплата на К-15 истекува на 31 декември, илјадници работници сè уште го чекаат регресот за годишен одмор. Минималниот износ во приватниот сектор, доколку се донесе одлуката за исплата во ноември, изнесува 19.415 денари, додека во јавниот сектор регресот е 13.680 денари. Податоците од синдикатите и од Државниот инспекторат за труд покажуваат дека неисплатата или делумната исплата на надоместокот останува повторлив проблем. За работодавците што нема да ја исполнат обврската, предвидени се парични казни, а работниците можат да побараат заштита преку синдикатите, Инспекторатот за труд или преку судска постапка

Работниците што сè уште не добиле регрес за годишен одмор, популарниот К-15, имаат уште малку време да го добијат за оваа година. Доколку работодавецот ја донесе одлуката за исплата во текот на овој месец, минималниот износ во приватниот сектор изнесува 19.415 денари, додека за вработените во јавниот сектор договорениот регрес изнесува 13.680 денари.
Инаку, крајниот рок за исплата е 31 декември, а право на регрес имаат работниците што оствариле најмалку шест месеци непрекинат работен однос кај истиот работодавец, во текот на календарската година.
Колку треба да изнесува регресот?
Висината на К-15 не е иста секоја година, бидејќи зависи од основицата за пресметка. Во приватниот сектор, според Општиот колективен договор од областа на стопанството, минималниот регрес изнесува 40 проценти од основицата, односно просечната месечна нето-плата по работник во државата, исплатена во последните три месеци пред донесувањето на одлуката за исплата.
Оттука, износот од 19.415 денари се однесува на пресметката со основицата применлива во ноември 2026 година. Тоа не значи дека сите работници во приватниот сектор мора да добијат идентичен износ, бидејќи основицата зависи од периодот во кој е донесена одлуката за исплата. Компаниите можат да исплатат и повисок регрес доколку е предвидено тоа со колективен договор или со нивна одлука.
Во јавниот сектор важи посебен колективен договор, според кој регресот се утврдува во висина од 30 проценти од просечната нето-плата исплатена во претходната година. За 2026 година, според објавените износи, регресот е 13.680 денари.
Постои можност и за исплата на понизок износ во приватниот сектор, но тоа не е одлука што може работодавецот еднострано да ја донесе. Според Општиот колективен договор, доколку компанијата има економско-финансиски тешкотии, потребна е претходна консултација со синдикатот на ниво на гранка или оддел и склучување соодветна спогодба со репрезентативната синдикална организација.
Илјадници чекаат на регресот за годишен одмор
Но, додека дел од вработените веќе го добиле надоместокот, за илјадници други К-15 останува неисполнето работничко право. Податоците што ги објавуваше Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) во изминатите години покажуваат дека се повторува проблемот со неисплатениот или делумно исплатениот регрес, а во евиденцијата се појавуваат и компании од приватниот и од јавниот сектор.
Во 2023 година, до ССМ биле доставени 3.822 пријави поврзани со неисплатен регрес за годишен одмор. Од нив, биле опфатени 2.655 работници и вкупно 43 компании, од кои 41 од приватниот сектор и две од јавниот сектор. Сојузот ги достави овие податоци до медиумите во јануари 2024 година, посочувајќи дека дел од работодавците не го исплатиле регресот, додека други исплатиле помал износ од минимално утврдениот со колективниот договор.
Состојбата продолжила и во 2024 година. Според податоците на ССМ објавени во јануари 2025 година, од евидентираните 12.234 работници, над 3.500 не добиле регрес за годишен одмор. Освен целосното изостанување на исплатата, Синдикатот предупредувал и за случаи во кои работодавците исплаќале само симболични суми од 100, 500, 1.000 или 2.000 денари. Од ССМ тогаш посочија дека имало и работодавци што прво го исплатиле целиот регрес, а потоа барале од вработените да им ги вратат парите.
За 2025 година, засега нема јавно објавена целосна статистика од ССМ за бројот на компании и на работници што останале без К-15. Сепак, податоците од Државниот инспекторат за труд покажуваат дека продолжил да се пријавува проблемот и во текот на оваа година. Според информациите објавени во март 2026 година, Инспекторатот примил 436 претставки за неисплатен регрес за годишен одмор во текот на 2025 година. Оваа бројка се однесува на претставки, а не на различни работодавци, бидејќи повеќе пријави може да се однесуваат на една иста компанија.
Казни за непочитување на обврската
За работодавците што нема да ја исполнат обврската за исплата на регресот, предвидени се и парични санкции. За правното лице глобата може да изнесува од 2.000 до 3.000 евра, додека за одговорното лице во компанијата е предвидена казна од 500 до 1.000 евра. Дополнително, Кривичниот законик предвидува и затворска казна до една година за работодавците што ќе го исплатат регресот, а потоа ќе ги принудуваат работниците целосно или делумно да им ги вратат исплатените средства.
Работниците што не го добиле регресот можат да побараат синдикална правна помош, да поднесат пријава до Државниот инспекторат за труд или да поведат судска постапка за остварување на своето право.
(С. Бл.)












