На социјалните мрежи се споделува фотографија од срнче што лежи на асфалтен пат во Маврово, со итен апел за помош од луѓето што живеат во овој регион.
– Итно! Има ли некое друштво од Маврово да помогне? – се наведува во објавата споделена пред неколку часа, во групата „Вдоми миленик – спаси живот“.
Засега нема потврдени информации за тоа што му се случило на животното, колку сериозни се евентуалните повреди и дали некој успеал да му помогне.
Апелот повторно ја отвора темата за постапувањето во вакви ситуации, кога е пронајдено повредено диво животно покрај пат или во населено место, а граѓаните, преку социјалните мрежи, се обидуваат да најдат некој што може да интервенира. Неколку дена претходно, на 23 октомври, околу 22:15 часот, на автопатот Скопје – Тетово, автомобил „волво“ со гостиварски регистарски ознаки удрил во мечка. Според информациите од Министерството за внатрешни работи, со возилото управувал 36-годишен жител на Гостивар, а ветеринар од Зоолошката градина во Скопје констатирал дека умрело животното. По несреќата, бил извршен полициски увид, а околностите под кои се нашла мечката на коловозот не беа дополнително разјаснети во првичните информации.
Претходно, на 19 октомври, беше објавено и дека било фатено мече во замка на планината Јакупица. Со координирана интервенција на надлежните институции, полицијата и на стручно лице од Зоолошката градина во Скопје, мечката била успиена, прегледана и ослободена од примката, по што била вратена во природата.
Прашање е колку брзо и ефикасно може да се реагира кога е повредено диво животно, кога е загрозено или се наоѓа на место каде што е изложено на дополнителна опасност. Проблемот со згрижувањето на повредените диви животни не е нов. Македонското еколошко друштво уште во август 2024 година предупреди дека во земјава недостига специјализиран центар за рехабилитација на диви животни.












