Кредитната линија за финансирање инвестиции и развој на приватните трговски друштва досега резултирала со одобрени 767 проекти, со вкупна вредност од 14,26 милијарди денари, односно околу 231,8 милиони евра. Ревизијата на усогласеност што ја спроведе Државниот завод за ревизија за периодот од јануари 2025 до февруари 2026 година покажува дека најголем дел од средствата се насочени кон домашното производство, градежните објекти и набавката на опрема.
Ревизијата се однесува на кредитната линија воспоставена со средства од државниот буџет, во рамките на договорот за задолжување во износ од 250 милиони евра. Програмата е реализирана преку соработката на Владата, Министерството за финансии и Развојната банка, со учество на 12 комерцијални банки.
Според ревизорскиот извештај, добиено е разумно уверување за позитивен заклучок дека активностите на Развојната банка во управувањето со средствата се во согласност со релевантната законска регулатива, интерните акти и договорите. Кредитите се одобруваат под поволни услови, со фиксна каматна стапка од 1,95 проценти, без дополнителни надоместоци за одобрување и управување. Компаниите можат да добијат најмногу 10 милиони евра, со рок на отплата до 15 години и грејс-период до три години. Услов е сопственото учество да изнесува најмалку 20 проценти од вредноста на инвестицијата.
Малите претпријатија се најзастапени според бројот на одобрени проекти. За нив се одобрени 455 проекти, или 59 % од вкупниот број, во вредност од 3,57 милијарди денари (околу 58 милиони евра). Средните компании добиле поддршка за 171 проект, вредни 4,61 милијарди денари (околу 74,9 милиони евра). Големите компании реализираат 94 проекти, со одобрени 4,72 милијарди денари (околу 76,8 милиони евра). За микропретпријатијата се одобрени 47 проекти во вредност од 1,36 милијарди денари (околу 22,2 милиони евра).
По дејности, производството има најголем удел, со 281 проект и 6,29 милијарди денари (околу 102,3 милиони евра). Трговијата добила 3,50 милијарди денари (околу 56,9 милиони евра), за преку 194 проекти. Во транспортот се вложени 1,45 милијарди денари (23,6 милиони евра), додека градежништвото добило 988,5 милиони денари (околу 16,1 милиони евра). За хотелиерството и угостителството се одобрени 852,3 милиони денари (13,9 милиони евра). Другите дејности добиле 1,17 милијарди денари (околу 19,1 милион евра).
Според намената, 6,62 милијарди денари, односно околу 107,7 милиони евра, се вложени во градежни објекти, а 5,48 милијарди денари (89,1 милион евра), во опрема. За обновливи извори на енергија се наменети 1,60 милијарди денари( околу 26 милиони евра), додека транспортните средства добиле 545,4 милиони денари (8,9 милиони евра).
Ревизијата опфатила проверка на 123 развојни проекти, вредни 7,33 милијарди денари (околу 119,3 милиони евра). Тоа претставува 52 % од повлечените средства до февруари 2026 година. Во март и април биле одобрени дополнителни 15 проекти, вредни 167,6 милиони денари (околу 2,7 милиони евра).
(С. Бл.)












