Националниот парк „Шар Планина“ го претстави своето искуство од воспоставувањето и развојот на системот за мониторинг на дивите животни на Седмиот конгрес на еколози, организиран од Македонското еколошко друштво. Преку научен труд, претставниците на националниот парк ги презентираа досегашните активности за следење на дивиот свет, како и предизвиците и можностите за унапредување на системот за мониторинг на подрачјето на Шар Планина.
Во текот на 2025 и 2026 година, ренџерската служба на паркот, со поддршка од научни институции, спровела мониторинг со помош на фотозамки, преку кои биле собрани податоци за присуството и за активноста на дивите животни. Досегашните резултати претставуваат основа за понатамошни унапредување и стандардизирање на системот, со цел воспоставување континуиран мониторинг во текот на целата година.
Од националниот парк посочуваат дека следењето на дивите животни се темели на комбинирањето различни методи, меѓу кои фотозамки, непосредни теренски набљудувања, следење траги и други знаци на присуство, теренско пребројување и генетско истражување. Интегрирањето на овие податоци овозможува посеопфатен увид во состојбата на дивиот свет и создава подобра основа за донесување одлуки за неговата заштита.
Како следен чекор, паркот најавува зајакнување на прекуграничната соработка со Националниот парк „Шари“ во Косово. Планираните активности вклучуваат размена на податоци и координирано следење на популациите на диви животни што се движат низ заедничкиот планински екосистем.












