На 7 ноември, во Охрид ќе се одржи шестиот хуманитарно-меморијален планинарски марш „Трајан Целески-Тачо“, настан со кој се негува споменот на прерано починатиот Трајан Целески, чии дух, ведрина и љубов кон животот и понатаму ги мотивираат неговите блиски и пријателите.
Маршот ќе почне во 9:30 часот, во населбата Видобишта, во близина на спортското игралиште што го носи неговото име, а учесниците ќе се движат по патеката преку манастирот „Свети Никола“ и селото Велгошти, по што ќе се вратат на почетната точка.
Станува збор за умерено тешка патека со вкупна должина од околу 10 километри во двата правци. Водич на планинарењето ќе биде Дејан Ангелоски, познат планински тркач и повеќекратен победник на меѓународни натпревари во скајранинг.
Покрај меморијален карактер, настанот има и хуманитарна цел. Заинтересираните учесници може да остават доброволен паричен прилог во хуманитарните кутии на Општинската организација на Црвениот крст – Охрид.
Маршот е организиран по иницијатива на семејството, пријателите, спортските колеги и на блиските другарки и другари на прерано починатиот Трајан Целески-Тачо.












