Американскиот претседател Доналд Трамп, изјави дека Вашингтон моментално преговара со Иран за прекин на војната и оцени дека Техеран станува „сè посериозен“ во разговорите, но нагласи дека сè уште не е донесена одлука за можни големи американски воени напади.
„Во моментов разговараме со нив. Мислам дека стануваат сè посериозни како што минуваат деновите, можеби од очигледни причини. Но, во моментов разговараме со нив“, рече Трамп.
Тој додаде дека Иран сè уште не е подготвен да склучи договор, но дека постои можност за преговори.
„Иран сè уште не е подготвен за договор, но ние разговараме со нив и можеме да преговараме“, рече Трамп.
Американскиот претседател изјави дека САД имаат две опции кога станува збор за Иран – продолжување на воените напади и уништување на капацитетите на Иран или постигнување договор преку преговори.
„Имаме две опции кога станува збор за Иран: или ќе продолжиме со воените напади и ќе ги уништиме неговите капацитети или ќе постигнеме договор. Во моментов преговараме со нив“, рече Трамп.
Американскиот претседател, пренесува АП, додаде дека „скоро сите“ се вклучени во разговорите со Иран, наведувајќи дека потпретседателот на САД Џ.Д. Венс, државниот секретар Марко Рубио и „многу други луѓе“ учествуваат во преговорите.
„Ќе видиме што ќе произлезе од тоа“, рече американскиот претседател.
Во исто време, Трамп нагласи дека „не брза“ и дека не чувствува притисок да ја заврши војната во Иран поради претстојните избори за американскиот Конгрес во ноември.
Тој исто така рече дека нема да дозволи зголемувањето на цените на бензинот и инфлацијата да влијаат на неговата одлука за војната во Иран.
„Мора да го направиме тоа правилно“, рече Трамп, додавајќи дека „изборите ќе се справат сами со себе“.
Американскиот претседател, меѓу другото, одби да одговори на прашањето на новинарот дали уништувањето на електраните и мостовите во Иран би претставувало воено злосторство.
„Нема да одговорам на тоа прашање. Од кој медиум сте?“, му рече Трамп на новинарот.
Кога новинарот одговорил дека работи за „Њујорк тајмс“, американскиот претседател одговори дека знае.
„Претпоставив. Пропаднатиот „Њујорк тајмс“.












